Осумгодишно момче е обвинето за убиство во САД, а неговиот случај потсетува дека во некои американски сојузни држави помладите малолетници не можат кривично да одговараат. Момчето е обвинето за нанесување смртоносни повреди на едногодишно девојче кое плачело во колевката, а чија мајка отишла да се забавува во дискотека, пишува CNN.
„Во 22 години колку што работам во полиција, ова ми е најтешкиот случај“, рекол во доверба во средата Шон Едвардс, портпаролот на полицијата во Бирмингем, во државата Алабама, каде што се случила трагедијата.
Малечката жртва Келси Луис и нејзината мајка Катера Луис (26) дошле во посета на пријателка од мајката која исто така имала неколку мали деца. Со полициската истрага било потврдено дека двете мајки се забавувале во дискотека од 23 часот до 2 часот наутро.
Според пишувањето на локалните весници, шесте деца на возраст од 1 до 8 години, за тоа време биле сами без надзор на возрасни.
„Осумгодишникот станал раздразлив бидејќи малечката Келси не престанала да плаче“, рекол полицискиот поручник Едвардс. „Тогаш почнал силно да ја удира. Мајката е обвинета за убиство од небрежност“, додал тој.
На овој осумгодишник ќе му се суди на суд за деца и му се заканува затворска казна до неговата 21 година, додека не биде полнолетен, рекол за AFP Тоби Смит, адвокат специјализиран за одбрана на малолетници во Алабама.
Според важечките закони во Алабама, државниот обвинител може да побара од судијата на малолетното дете да му се суди на суд за возрасни. Во тој случај, на младиот обвинет му се заканува доживотен затвор.
„Мислам дека државниот обвинител нема да го направи тоа. Би бил запрепастен ако го направи и не можам да замислам судијата да го премести на суд за возрасни“, рекол Смит.