Вадење шлајм со пердув, црви од уши со цевче, чистење вошки со газија, решавање воспаление на уво со домашно цвеќе, запек кај бебе со ставање лист од билка во анусот на бебето се само дел од големиот број примери што родители ги одобруваат или ги прават за своите болни деца, пишува Нова Македонија.
Во дворот пред куќа на жена во скопско Лисиче често има метеж. Чекаат родители со деца за третмани за вадење секрет со пердув. Веруваат дека може да им помогне на болните деца. Луѓе што го прават тоа има и во други населби и низ цела држава. Наплаќаат до 600 денари, а третираат со пердуви, кои ги вријат и потоа со нив го дразнат грлото на детето. Некои со еден пердув третираат повеќе деца.
– Така нѐ лекувале нас, така и јас го лекувам детето. Што ни фали. Не може никој да ме убеди дека не дејствува. За мое дете јас решавам и најдобро знам што е добро за него. Сите се прават паметни на муабет, а ги носат децата и на бајачки. Лично видов колку шлајм поврати. Од мака го носам тука, два месеца не можеше да се оправи претходно. Јас сум правник, ако ви значи нешто тоа, и пак верувам – вели за Нова Македонија Маја, која синчето го носи на третман во населбата Ѓорче Петров.
Ако се вади секрет со пердув, детето може да го аспирира во белите дробови и тогаш има опасна ситуација Д-р Весна Атанасовска, матична педијатарка, додава и дека може да се внесат многу опасни бактерии, да се пренесат вируси.
– Најлошо е кога таквите бабини третмани се прават на новороденчиња. Имав случај и со бебе, кое два дена имало запек. Мајка му му ставила клизма за прочистување што си ја купила од аптека. Беше дехидрирано од дијареја и заврши во болница. Кај бебињата е нормално да имаат запек и тоа може да трае и до една недела – објаснува д-р Атанасовска.
На Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле лекарите велат дека имало и смртни случаи, тврдат, по т.н. вадење на секрет со пердув.
– Така не се исфрла секретот од белите дробови, туку детето го повраќа оној што веќе го голтнал. Знаете дека тие голтаат дел од секретот и потоа го исфрлаат со изметот. Колку е опасно сето ова? Страшно многу. Детето може да направи аспирација на секретот во белите дробови и, ако не се реагира правовремено, да почине. Може да се случи кардиоарест, застој во работата на срцето – вели д-р Оливер Зафировски.
Целата сторија прочитајте ја на – Нова Македонија.