Двете деца на возраст од 3 и 4 години од Кичево и Гостивар кои починаа од грип на Клиниката за детски болести имале воспаление на мозокот кое го добиле како последица од вирусот. Ова денеска го изјави неврологот Филип Дума од Клиниката за детски болести, кој рече дека децата биле примени пред Нова година во многу тешка општа состојба.
– Штом е дијагностицирана болеста веднаш се испратени во нашата интензивна нега и направено е се што треба од давање „тамифлу“, супортивна терапија, симптоматска терапија и за жал таа борба не секогаш ја добиваме. Оваа година имавме повеќе деца со енцефалит од кои за жал две починаа, посочи Дума.
Појасни дека грипот, иако е најчесто бенигна болест, може да остави последици, а најчести се во респираторниот тракт, меѓутоа многу често има и зафаќање на централниот нервен систем и негово воспаление, енцефалити…Тоа, нагласи, се најчесто деца кои имале некоја претходна историја, а исто така се подложни и старите луѓе на такви компликации.
– Првото дете почина во рок од 24 часа, а второто во рок од пет дена, но борбата беше голема со респираторна поддршка…, истакна Дума.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека едното дете е лекувано со невролошка симптоматологија, било во болницата во Гостивар и кога забележале дека нешто не е во ред го препратиле во Скопје. Другото, како што рече, претходно е лекувано во акутна состојба во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид од каде е испратено кај нив.
Истакна дека грипот ги зафаќа најчесто постарите, лица со намален имунитет, малите деца кои имаат некоја друга болест…
– Системот постапил како што треба меѓутоа болеста е подла и има неочекувани пресврти. Има деца кои ги долекуваме и се спремаат да одат дома. Нема деца на респиратор, додаде Дума.