Џафери ја прекина седницата на која се расправаше за одземање на имунитетот на Вељаноски


Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина вечерва 89. седница, на која требаше да се одлучи за одземањето на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, постапувајќи по барањето за одобрување притвор, поднесено од Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција.

Иако одлуката Собранието, требаше да ја донесе до 24 часот, Џафери по забелешките на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски дека е прекршен Деловникот, бидејќи на неговата пратеничка група не и е дадена пауза од еден час, одлучи да ја прекине седницата и изјави дека дополнително ќе ја закаже.

Седницата беше три пати прекинувана со паузи, првиот пат на барање на Елизабета Канчевска Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени. Таа побара пауза бидејќи дури во седум часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница. Втората пауза ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој ги побара стенограмите од репликите, кои си ги искажаа пратениците Антонио Милошоски и Павле Богоевски.

Собранискиот спикер вториот пат даде пауза од 15 минути, со оглед на тоа што за барањето за притвор, требаше да се донесе одлука до 24 часот. Третиот пат Мицевски бараше уште 45 минути, а Џафери даде куса пауза. Мицевски потоа излезе на собраниската говорница и изрази незадоволство поради тоа што не им беше дадена пауза од 45 минути, нагласувајќи дека со тоа Џафери го крши Деловникот и уште еднаш повтори дека надлежната Комисија не донела предлог-заклучок за одземањето на имунутетот на Вељаноски.

Во текот на расправата пратениците од власта и опозицијата се обидуваа да ги докажат своите тези, првите дека седницата за имунитетот на Вељаноски е согласно Деловникот и правно издржана и покрај тоа што претходно на седницата на Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања ист број пратеници беа „за“ и „против“ одземањето на имунитетот на пратеникот, вторите сметаат дека надлежната Комисија не донела предлог-заклучок затоа што немало мнозинство, односно четворица пратеници беа „за, а четворица „против“ одземањето на имунитетот, поради што нема основ за седница.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1