До крајот на овој месец ќе се одржи средба на ниво на преговарачи во врска со спорот за името. При крај сме со утврдување на датумот. Во оваа прва фаза нема да има посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот. Најверојатно тоа ќе биде овој месец и штом сето тоа се дефинира ќе информираат од канцеларијата на медијаторот.
Ова го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавено одржување на дигитален Самит на Западен Балкан, чиј домаќин следната година ќе биде Република Македонија.
Коментирајќи ја изјавата на американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји дека решавањето на прашањето на спорот со името е досега најблиску до изнаоѓање решение, Димитров посочи дека постои обид да се создаде една позитивна клима, која според него, се должи на научената лекција со Македонија која беше оставена долго време да чека во чекалната на ЕУ.
– Во тој процес јас би сакал покрај убави зборови да има и конструктивни ставови бидејќи тоа ќе биде поучно. Факт е дека тоа беше процес што беше во застој подолго време меѓу другото и поради тоа што се наметнаа други прашања кои сами по себе претставуваа пречка на нашите интеграции покрај или градејќи над пречката околу разликата за името – демократскиот пат, проблемите со зависно судство, со неслободни медиуми. Бидејќи има еден сериозен напор со политичката промена што ја доживеа Македонија да се работи на отстранување на овие пречки и има извесна лекција – што се случува кога ќе затворите една земја-кандидат во чекалната предолго време можно е да се изгуби компасот. Тоа нам ни се случи. Оттука, има една политичка волја, еден оптимизам да се извлече лекција и да се отворат вратите. И оттаму вакви охрабрувачки пораки, вели шефот на дипломатијата Димитров.
Запрашан што се подразбира под распоред во однос на активности за надминување на спорот министерот Димитров посочи на она што било разговарано на средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во рамки на четирилатералниот Самит во Солун.
– Тогаш разговаравме во кои области и како можеме таму каде имаме сродни или исти интереси да ја развиеме соработката заради создавање на попозитивна клима која што на некој начин ќе ја заокружи областа каде што имаме очигледни разлики како што е разликата околу името. Така што рано е нешто конкретно за тоа да се зборува. Тогаш разговаравме за соработка на ниво на невладини организации, академици, универзитети, некои други конкретни работи, летни пожари, појасни Димитров
Според него, многу пожно е што се прави во однос на најавите.
– Многу е поважно е што се прави отколку што се најавува. Генерално нашата политика е да одземеме аргументи на оние кои би сакале блокадата на нашиот европски евроатлантски пат да остане. Разликата на сегашната надворешна политика во однос на претходната е што претходната за жал даваше аргументи на оние политички сили кои не се посебно заинтересирани да се отворат вратите за Македонија. Ние сме заинтересирани да нема такви аргументи, не само да не даваме туку и да одземаме аргументи, порача Димитров.