Ние имаме втора шанса да си направиме вистинска, средена држава. И мораме да направиме се што можеме оваа втора шанса да ја искористиме. Ако не се отворат овие врати, најверојатно е еден вечен период на циклични кризи во време кога светот не е посебно сигурен, кога е многу непредвидлив, кога во нашиот регион има прашања статусни што не се решение. И мислам дека не би требало да ја изложуваме нашата државност на такви ризици, би било неодговорно. Ова вечерва го изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју во Анализа 24.
Димитров рече дека разговараат со раководството на Грција, Владата, министерот, односно со тие што ја водат надворешната политика.
– Нашите главни соговорници се владините претставници. Тие ја креираат надворешната политика. Нивниот главен интерес, од тоа што го гледаме, е да има појасна дистинкција меѓу нашата Македонија и нивната Македонија. Нашиот главен интерес е да си го сочуваме идентитетот бидејќи ние сме Македонци и ќе бидеме Македонци. Да имаме достоинствена дистинкција, тоа исто така е важно. Јас сум убеден дека со посветеност оваа мисија не е невозможна, иако е комплицирана, рече Димитров.
Потенцира дека сега се обидуваат низ позитивен приод, градење доверба и пријателство да ги надминат разликите. – А ние ќе ги притиснеме, ќе бараме помош од другите, поголемите, рече Димитров.
Според него, важно е да направиме се во 2018 година, да бидеме доволно храбри, да излеземе од ровот кој пред се е врз основа на страв и несигурност во самите себе.
– Да ги погледнеме во очи, како рамноправни партнери и да ги решаваме работите европски, мислејќи на иднината. Бидејќи историјата ни е тешка на Балканот, не само нашата, на сите народи и има една опасност ако се фокусираме само на историјата да не излеземе од тој ров. Додека ние се занимавме со тие прашања, со недоверба кон другите, чувствувајќи се безбедно во ровот, светот се развива, возовите поминуваат, а нашите млади способни луѓе или дел од нив гледаат перспектива надвор од РМ, рече Димитров.
За разговорите за името Димитров потенцира дека следните чекори ќе бидат многу значајни бидејќи, како што најавивме, ќе имаме подиректна улога на политичко ниво во тој процес, заедно и посебно, но главно заедно со медијаторот Нимиц и ќе се обидеме да дојдеме до решение кое и кај нас и кај нив ќе се гледа како добро решение.
Прашан дали македонската Влада ќе преземе нешто за промена на имињата на скопскиот аеродроми, за автопатот и споменикот „Воин на коњ“ од проектот „Скопје 2014“ рече дека сме си направиле сами импликации врз идентитетот, изгубивме симпатии надвор, дадовме аргументи на националистичките аналитичари, направивме, како што рече извесна конфузија дома, а сега за тоа се разговара.
– Треба да се разговаа за тие работи отворено. Треба да се даде сигнал дека ние сакаме да си ја заштитиме, зацврстиме оваа Македонија, денеска што си ја имаме, во овие граници, во 2018 година, рече Димитров.
Во однос на изјавата на македонскиот преговарач Васко Наумовски, рече дека бил изненаден и оти се работи за изјава која многу звучи како да е за домашни прилики.
Посочи дека проблем е бидејќи изјавите одат и се пренесуваат секаде па и во Грција.
– Многу е лесно да се дигне раце. Тешкото е и мислам дека нема повисока патриотска можност на сите што се вклучени во тој процес да дадеме се од себе штитејќи ги националните интереси, посочи Димитров.
Оцени дека станува збор за процес што е многу сериозен и прашање кое бара огромна одговорност и оти затоа е потребно да се изгради што е можно поширок консензус дома.
Шефот на дипломатијата истакна дека работат и оти не е исклучено во блиска иднина да има средба меѓу Заев и Ципрас.