Димитров од Тирана: Владата забрзано работи на Законот за јазиците


Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска во Тирана рече дека Владата работи забрзано на усвојувањето на Законот за употреба на јазиците и оцени дека тоа е во интерес не само на Албанците во Македонија, туку и на стабилноста на целата држава.

– Оваа влада има заложба да стори сѐ што е во корист на нашите сограѓани Албанци, но и на оние кои се припадници на другите етнички заедници во согласност со уставот на Македонија. Овој процес не само што не се успорува туку работиме да го забрзаме. Имплементацијата на Рамковниот договор и овој закон се во интерес на Македонија, бидејќи наша визија за Македонија е колку повеќе сите ја чувствуваат државата како своја толку сме постабилни. Затоа на овие прашање гледаме како на прашања кои не се во интерес само на нашите сограѓани Албанци, туку како на прашања кои се во интерес на целата држава – изјави Димитров по средбата со неговиот домаќин министерот за надворешни работи на Р. Албанија Дитмир Бушати.

Димитров во рамките на посетата на Тирана, ќе се сретне и со премиерот на Албанија, Еди Рама и со претседателот Илир Мета.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1