Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара од претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на „штетниот дезинтегрирачки, дискриминирачки и неуставен закон за јазици“. Димовски најавува дека ќе го оспори пред Уставниот суд, ако парламентарното мнозинство повторно го изгласа законот.
„Нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и спремност за таквите барања. Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните. Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани.
Законот е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на помалубројните етнички заедници. Овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава“, напиша Димовски на Фејсбук.