ДИПЛОМИ НА ПРОДАЖБА: СИВА ТРГОВИЈА ЦВЕТА ВО МАКЕДОНИЈА И ВО БОСНА


Вистински бум доживува полулегалната индустрија во двете земји каде што може да купите докторат за 2.000 евра или магистерски труд по цена колку еден плазма-телевизор, покажува прекугранично истражување на новинари од Македонија и од БиХ

Автори: Александар Манасиев во Македонија и Семир Мујкиќ во Босна и Херцеговина
Со Игор не беше тешко да стапиме во контакт. Неговите услуги, како еден од најплодните автори на академски трудови во Македонија, се објавени на многу огласи на интернет и во весниците.

Вие плаќате. Тој ја врши работата. Вие ја добивате дипломата.

„Тоа е легитимен бизнис“, ни рече тој преку телефон додека се натегавме околу цената на магистерската теза по предметот Интензивна медицинска нега – околу четири евра по страница, во зависност од сложеноста на тезата. Тој смета дека може да го напише трудот од околу 100 страници во период од околу еден месец.

„Ако ова е криминал, јас не би се осмелил да го работам истото веќе 10 години“, ни рече тој. „Јас сум семеен човек.“

Игор, кој тврди дека им помогнал на десетици луѓе, кои сега работат во големи компании, па дури и во државната администрација, да добијат титула магистер по науки или доктор, е само еден од стотиците луѓе што во туѓо име изработуваат вакви трудови на маргините на академските институции во Република Македонија и Босна и Херцеговина, две од најсиромашните и најкорумпирани земји од поранешните југословенски републики.

Додека нелегалната трговија со академски трудови е голем бизнис на Балканот, експертите велат дека Македонија и Босна ги надминале другите земји замижувајќи пред нелегално стекнатите академски звања.

Прекуграничната соработка на новинари во Македонија и во Босна откри дека постои високо организиран и ефикасен систем за подземна трговија со магистерски и докторати, а луѓето вмешани во бизнисот ги искористуваат дупките во законите, игнорантскиот однос на државните институции, соучествотото од некои академски граѓани како и с` поголемата побарувачка од студентите што не сакаат или не можат сами да си ја завршат работата.

Со Ива, која го работи истиот бизнис како Игор, контактиравме преку нејзината онлајн- реклама. Се понуди да ни напише магистерска теза по маркетинг за само 150 евра.

„Ќе ја имате тезата за само две, а можеби најдоцна до три недели“, ни рече таа на телефон. „Многу често изработуваме трудови од економските науки така што си ја знаеме работата. Тезата ќе пројде и нема да биде плагијат, ќе ја има својата основа. Истражувањето ќе биде оригинално, бидејќи во подготовката на трудовите работат и професионалци од областа која се истражува.“

Професионалци?

„Зборувам за професори“, рече таа, одбивајќи да ни открие какви било имиња. Илија Ацески, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, изјави дека е целосно свесен оти постои организиран систем за продажба на магистерски и докторски тези. Не беше воопшто изненаден што никој не се обидува да го спречи тоа.

„Факултетите во Македонија, едноставно, не се заинтересирани за овој проблем“, ни рече тој. „Она што е важно за нив се парите од апликантите. Институциите за високо образование се претворија во бизниси што работат врз основа на профит.“

Адвокати и извори во Министерството за образование потврдуваат дека продажбата или купувањето академски трудови напишани од трети лица технички не е кривично дело, што им олеснува на студентите да научат доволно од содржината на трудот за да го положат и да го протнат пред професорите како сопствено истражување.
Огнен Јовановски, адвокат од Скопје, ни вели дека законската дупка е, всушност, тоа што универзитетите може да ги санкционираат само студентите чиј труд е плагијат, што обично не е случај со ваквите трудови напишани од трети лица.

Многу од интернет-реклами во Босна и Херцеговина што нудат тези по минимална цени доаѓаат со гаранција: текстот е оригинален и трудот ќе го помине секој тест за плагијат. Регулативата за плагијат на сите нивоа на власт во БиХ беше, поради недостаток на закони за ова прашање, им е оставена на образовните институции, секоја од нив да се справи со проблемот поединечно. Во пракса, кај повеќето од универзитетите постојат строги правила за плагијат.

Постои дури и ценовник: есеи за по осум евра, презентации за пет евра, а магистерски и докторски тези од 25 до 75 евра па натака. Повеќето од огласувачите инсистираат на комуникација преку мејл и гарантираат приватност, но не е ретко да се најде телефонски контакт. Оние што ги контактиравме не сакаа да разговараат.

Синиша Алексиќ од северозападниот босански град Омарска беше уапсен во март 2010 година на своето работно место во болница во градот Бања Лука, само 20 дена откако доби работа таму како лекар. Полицијата се сомневаше дека Алексиќ, кој тогаш имаше 27 години, ја фабрикувал својата диплома на Медицинскиот факултет.

Алексиќ аплицирал за работа како доктор со сите потребни документи. Мирко Станетиќ, директор на Клиничкиот центар во Бања Лука, тогаш потврди дека документите што ги понудил Алексиќ изгледале исправни, па го ангажирале во одделот за абдоминална хирургија.

Неговите колеги тврдеа дека Алексиќ изгледал како да си ја знае работата и оти им помагал на хирурзите во операционите сали. Неговите баба и дедо за медиумите изјавиле дека Синиша отсекогаш сонувал да биде лекар. Тврдеа дека учел многу и завршил медицински факултет, а тие дури и прославиле кога ја добил дипломата.

Сепак тие беа меѓу многутемина што беа шокирани кога полицијата пронашла опрема за фалсификување дипломи во станот на Алексиќ. Полицијата не пронајде докази дали тој и за други лица фалсификувал вакви дипломи.

Зденка Кривикуќа, декан на Медицинскиот факултет во Бања Лука, потврди дека Алексиќ ги почнал студиите во 2002 година, но не успеал да стигне ни до втората година. Престанал да се појавува на факултет и побарал да го исклучат од факултет во 2009 година.

Алексиќ беше осуден на осум месеци затвор во октомври 2012 година, а почна да ја отслужува казната во јуни 2015 година. Беше пуштен на Нова година. Шефот на болницата во Бања Лука, Станетиќ, смета дека не е обврска на институцијата што ја води да проверува дали некоја диплома е валидна или не.

„Тоа не е наша должност, ниту некогаш ќе биде“, изјави Станетиќ за локалните весници. Босна и Херцеговина има државен закон за високо образование, но во него не се спомнува зборот плагијат ниту еднаш. Поголемиот дел од надлежностите во образованието се на пониските нивоа на власт, ентитетите или кантоните.

Од Универзитетот во Сараево не беа подготвени да зборуваат на темата плагијати и начинот на кој тие се борат против оваа појава. Ни ветија интервју, но никогаш не го добивме. На Универзитетот секој студент треба да потпише изјава кога ќе го заврши истражувањето.

Во изјавата се вели дека текстот е оригинален и оти не е плагијат. Зборот плагијат се споменува само во Етичкиот кодекс на Универзитетот, но без детали како плагијатите се откриваат или кои се казните.

Проф. Марио Хиберт / Фото: Семир Мујкиќ
Професор Марио Хиберт, кој напишал водич за плагијати, вели дека Универзитетот нема набавено софтвер за проверка на препишани трудови.

„Колку што знам, Универзитетот нема софтвер за откривање плагијати, с` е оставено на професорите“, вели Хиберт.

Ни вели дека тој не користи некој посебен софтвер за проверка на академските трудови.

„Доволно е да користам ’Гугл‘. Ако се посомневам на нешто тогаш проверувам преку ’Гугл‘ неколку реченици. Така јас обично ги откривам плагијатите“, ни вели Хиберт.

Професорот додава дека одговорноста е на менторите исто колку што е на студентите. Според него, постои комисија која го оценува секој кандидат за магистер или доктор, па најмалку три члена на комисијата ја читаат тезата.

Во моментов не постои дигитална база за складирање на студентските трудови што го прави уште потежок процесот за откривање плагијати. Хиберт, сепак, ни вели „колку што е лесно да се направи плагијат, толку е лесно тој да се открие“.

„Еднаш имав ситуација кога бев решен да проверам дали станува збор за плагијат бидејќи стилот на студентот беше премногу развиен, премногу рафиниран, ме изненади во позитивна смисла дека еден од моите студенти е способен за пишување на тој начин“, се сеќава професорот додавајќи дека три дена се обидувал да ја изврши проверката.

„Преку референците дојдов до оригиналниот текст, кој беше на англиски јазик. Имаше референци од 1986 година и од 1995 година, па мислев дека некој мора да бил многу информиран за да ги има тие извори. На крајот го најдов изворниот текст и утврдив дека истражувањето е всушност буквален превод“, ни рече Хиберт и објасни дека тоа бил единствениот „сериозен“ случај на плагијат со кој тој се соочил. Студентот не поминал на испитот и морал да се повтори целиот курс.

Фото: Благоја Китановски

Едно од најпознатите обвинувањата за плагијат во БиХ е случајот со професорката на Факултетот за политички науки во Бања Лука, Радмила Чокорило. Анонимна информација била дадена на Факултетот за политички науки во Белград, каде што Чокорило ја добила титула доктор на науки во 2011 година. Таа беше обвинета за користење на својата работа од 2009 година, но, исто така, делови од книгата на нејзиниот ментор Ѓорѓе Павичевиќ без соодветна атрибуција.

Павичевиќ потврди за медиумите дека д-р Чокорило не била проверена на системот за плагијати во тоа време и оти по тестот во 2015 година софтверот пронашол само два процента од претходно објавеното дело. Во меѓувреме, според анонимен извор, од трудот од 290 страници, дури 115 не биле нејзин труд.

Иако Павичевиќ тврдеше дека трудот не е плагијат, сепак на белградскиот факултет беше формирана комисија во март 2015 година, која ја заврши својата работа, но Академскиот совет на факултетот не го разгледал извештајот и го одложи донесувањето одлука. Конечната одлука сe`уште не беше донесена на крајот од јануари 2016 година.

Во меѓувреме нудењето услуги како магистерски или какви било академски трудови, главно, се одвива на интернет. Провајдерите на тие услуги одговараат на вашите прашања најчесто за само неколку минути. Разговорот прво почнува со едноставни и општи прашања како за кој факултет е потребен трудот, цената, рокот, па с` до темата и другите специфики.

Претставувајќи се дека сме студенти заинтересирани за купување на готов магистерски труд воспоставивме контакт со лицата кои стојат зад рекламите во БиХ, кои резултираа со разговори за спецификите на измислената тема за магистерска диплома по градежништво.

Еден од нив дури ни изјави дека имал степен доктор на науки и оти работел како предавач и дека имал неколку соработници, кои ќе помогнат во изработка на тезата.

„Што се однесува до работата, морам да ви кажам дека се користи сета достапна литература и се користат и цитирани извори … Постојат софтверски системи на кои се проверува дали е плагијат или не“, ни напиша еден од огласувачите. „Што се однесува до моето искуство, сум работел за сериозни факултети и универзитети и зад мене има само позитивно долгогодишно искуство.“

Претставувајќи се како студенти, се распрашувавме дали треба да бидеме загрижени за проверка на плагијати или нешто друго, но одговорите беа речиси исти дека „овој бизнис е безбеден“.

„Единственото нешто за што треба да бидете загрижени е за учењето и претставувањето како и за одбраната на тезата, која откако ќе ја платите ќе ви биде предадена“, напиша еден оние што стојат зад рекламите.

Ако едно од лицата што тврдеше дека е доктор на науки ни објасни оти трудот ќе биде потполно оригинален, друг ни рече дека тие ги користат постојните мастер есеи и само го менуваат редоследот на зборовите, така што нема да може да се открие преку класичните системи за откривање на плагијати.

„Искрено мислам дека многу не се проверува дали е плагијат или не, финтата е во тоа да не се копира целиот текст од некој извор туку само мал дел“, ни пишува лицето: „Кога јас користам нечие туѓо истражување го менувам редоследот на зборовите во реченицата, или го парафразирам делот што сум го употребил. Така јас не го цитирам нивниот труд како референца“.

(Истражувањето го поддржаа Thomson Reuters Foundation и Robert Bosch Stiftung)

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1