Сведоци на обвинителство во случајот „Диво Насеље“ беа полицајците од караулата Гошинце, и роднина на еден од обвинетите, предложени од обвинителството. Медиумите денеска немаа можност да го проследат нивното сведочење затоа што во Основниот суд 1 каде што беше одржано рочиштето немаше просторни услови.
Адвокатот на дел од обвинетите Асмир Алипагич изјави дека на следното рочиште се продолжува со доказната постапка со сослушување на сведоци. Тој за сведочењето на сведоците повикани од обвинителството не сакаше да коментира.
„Па јас би се воздржал од коментарите на сведочењето сепак се работи за полициски службеници кои биле во моментот на немилиот настан кој се случил на полициската станица Гошинце.“
На денешното рочиште покрај обвинетите, кои се донесени со силно полициско обезбедување од затворите каде што издржуваат притвор, и нивната одбрана, имаше и претставници на судската полиција како и набљудувачи од ОБСЕ, претставници на амбасадата на Косово во Република Македонија, претставник на Хелсиншкиот комитет и коалицијата „Сите за правично судење“.
На претходното рочиште дел од обвинетите во своите искази пред судот за случувањата во „Диво Насеље“ посочија дека се искористени за нечии политички цели и дека од организаторите им било речено да не пукаат кон полицијата туку во воздух. Одбраната во воведните говори тврдеше дека правната квалификација „тероризам“ не може да опстои како што е наведена во обвинителниот акт, затоа што, според нив, станува збор за друго кривично дело.