Судот во средата им одреди казни на петтемина обвинети за тероризам во случајот „Ќелија“, па така Иса Фуга, за три кривични дела, доби 4,5 години затвор, а Абдула Абдулаким за две кривични дела доби три години и 1 месец затвор
Ерол Рустеми за две кривични дела доби 2 години, Мухамед Имери и Стефан Стефановски за по едно кривично дело, добија казни од по 2 години затвор.
Обвинетите во понеделникот ги признаа делата кои им беа ставени на товар од Јавното обвинителство за организиран криминал, односно учество во странска војска, паравоена и параполициска формација. Иса Фуга призна дека освен што регрутирал војници да се борат на страна на џихадистите, тој собирал и пари и опрема, а ги криел останатите од групата.
Стефан Стефановски и Мухамед Имери обвинителството ги товари дека учествувале во борбите во Сирија на страната на џихадистите.
При оценувањето на обвинителниот акт вината ја признаа Оџата Реџеп Мемиши, Ахмет Дарлишта, Сејфула Етемовски, Ресуљ Саити, Фазљи Суља и Мухамед Шеху.
Тие беа осудени на минимални затворски казни од пет до седум години.
Според обвинението, една група обвинети подготвувале лица кои ќе одат да учествуваат во странска војска, друга група обезбедувале парични средства и друга поддршка во материјална смисла за лицата да бидат подготвени за пат пред и за време на нивното учество во странска војска, а третата група учествувала во борбите на страната на Исламската држава во Сирија.










