До крајот на годината ќе се знае дали исклучените од парно ќе плаќаат паушал. За ова се чека да биде готов Правилникот за снабдување со топлинска енергија. Од здружението „Но Пасаран“ кое со години протестира поради ова прашање велат дека од исклучените од парно Годишно БЕГ добива над еден милион евра.
Ако и со новиот правилник не се промени методологијата, оние кои користат градско парно ќе мора да ја надоместат оваа сума доколку исклучените престанат да плаќаат паушал.
-Ние немаме никаква намера да ја зголемиме цената на оние коишто користат. Напротив, се бориме и во нивно име, да ја намалиме цената, а тоа е да ги намалиме оние трошоци кои му биле признати на БЕГ и сега да се намалат“, вели Маријан Ненов од „Но Пасаран“.
Здружението, Регулаторна и БЕГ преговараат за решавање на овој долгогодишен проблем. Меѓу другото се разговара и за можноста на инсталирање калориметри на грејните тела, со кои граѓаните да плаќаат толку колку што ќе потрошат.
-Ќе има анализи повеќе, но ќе водиме особено сметка и какви нови мерни уреди што ќе се поставуваат, колку има потреба, каде има потреба и какво биде нивното влијание врз цената на потрошувачите кои што веќе се приклучени на системот за дистрибуција на топлинска енергија, вели претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Од градско парно исклучени се околу 12.000 домаќинства. Вицепремиерот Кочо Анѓушев во минатото вети дека од оваа грејна сезона овие граѓани нема да плаќаат за услуга што не ја добиваат.