До пет нови дестинации во Европа за 20 до 30 евра


По цена од 1.799 денари (30 евра) од 30 јуни годинава нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ќе лета од Скопје до Барселона секој вторник и сабота. По таа цена македонските граѓани од 29 јуни ќе може да патуваат и од Скопје за Осло.

Покрај тие две дестинации, согласно договорот на македонската Влада за субвенционирање нискобуџетни летови, „Визер“ воведува дестинации од аеродромот „Александар Велики“ до Хамбург и до Нирнберг секоја среда и недела од 1 јули годинава по цена од 1.499, односно 1.199 денари. За Фридрихсхафен, исто така од крајот на јуни „Визер“ ќе реализира летови по цена од 1.199 денари. Толку ќе чини и рутата од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до Базел што „Визер“ ќе ја опслужува двапати неделно од 1 јули.viz air

Џон Стивенсон, заменик-директор на „Визер“ денеска во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави и зголемување на фреквенцијата на постоечките 14 рути, како и вклучување на трет воздухоплов од типот „Ербас 320“ во базата во Скопје. За Малме, неделните летови од јуни се зголемуваат од пет на седум, за Гетеборг од три на четири, а за Келн, Франкфурт, Милано и Париз наместо два пати „Визер“ ќе лета по три пати неделно.

– Со новите линии создаваме можност преку евтини авиобилети да се посетат посакуваните и најатрактивните градови во Европа. Создаваме услови македонските граѓани да ги посетат глобалните спортски настани, културни манифестации, а бизнис-заедницата да ги прошири деловните контакти, рече министерот Јанакиески, истакнувајќи дека субвенциите од државата во износ од околу пет милиони евра истовремено придонесуваат и за привлекување нови странски туристи и странски инвестиции.

Јанакиески потенцира дека само преку субвенционираните авиолинии во 2013 година бројот на патници е зголемен за 236 проценти, а лани се превезени над 500.000 патници или за 50 проценти повеќе во однос на 2013.

По постигнатата бројка од 1.270.000 патници низ македонските аеродроми лани, таргет за годинава, според Јанакиески, е надминување на бројот 1,5 милиони.

Според Стивенсон, со зголемувањето на квотата на „Визер“ во Скопје и додавањето на Охрид во нивната мрежа се создаваат повеќе можности за патување и поголем избор на дестинации.

– Се надеваме дека ова ќе резултира со создавање повеќе работни места на локално ниво и уште повеќе ќе го поттикне туризмот во земјава. Очекуваме дека шесте нови рути и зголемениот капацитет на постоечките ќе бидат прифатени од корисниците ако се знае дека овозможуваме уште нискотарифни летови во Македонија, рече Стивенсон.

Новите рути на „Визер“ се согласно договорот што авиокомпанијата го потпиша со Министерството за транспорт и врски на 15-ти овој месец за финансиска поддршка за оперирање од аеродромите во Скопје и во Охрид во наредните три години.

„Визер“ и во изминатите три години со субвенции од македонската Влада реализираше летови од Македонија.

Во соработка со концесионерот на македонските аеродроми ТАВ Македонија, унгарскиот авиопревозник ги промовираше новите дестинации со организирање специјален бесплатен лет за 50-ина штитеници од Домот за деца без родители „11 Октомври“ од аеродромот „Александар Велики“ до воздушниот простор над Охридското Езеро.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1