Вработен во филијала на синџирот супермаркети „Лидл“ во Барселона, по 12 години работа добил отказ од фирмата бидејќи доаѓал многу рано на работа.
Според шпанскиот весник „El Pais“, вредниот работник Жан П. доаѓал на работа најмалку еден час пред почетокот на смената и почнувал да ја подготвува продавницата за отворање. Во одлуката за отказот стои дека „има тешко прекршување на правилата за работа“, бидејќи Жан, без да се пријави, доаѓал порано на работа, „правел нарачки, менувал цени и редел производи низ супермаркетот“.
Каталонската филијала на германскиот синџир супермаркети наведува дека на снимките од камерите за надзор од април се гледа како работникот влегува во продавницата во 5 наутро и поминува од 49 до 87 минути во работење, без да се пријави дека дошол на работа.
Со тоа работникот ги прекршил правилата за работа на компанијата што се однесуваат на плаќање на вработените за секоја одработена минута и за уредно пријавување на почетокот и завршувањето на работното време.
Отпуштениот работник ја тужи фирмата на суд со образложение дека неправедно останал без работа и бара да биде вратен на работното место.
Жан наведува дека не барал другите работници да доаѓаат порано и дека никогаш не му било кажано дека треба да побара дозвола да доаѓа порано на работа. Тој исто така вели дека тоа го правел поради воведената реорганизација во продавницата поради која требало повеќе време да се подготви продавницата за отворање.