Неповратни грантови во износ од 185 илјади денари за самовработување преку отворање сопствен бизнис беа доделени денеска на невработени лица од Скопје, Куманово и Велес.Деновиве ќе бидат доделени и грантовите за другите градови, со што ќе се заокружи втората фаза. Со завршувањето на оваа фаза ќе бидат доделени вкупно 900 грантови.
До крајот на годинава ќе бидат доделени уште 100, со што ќе биде исполнета квотата од 1.000 грантови за годинава. Од почетокот на примената на оваа мерка, во Македонија се отворени над 8.150 мали бизниси. Голем број од нив, по почетното самобработување, почнале да вработуваат и други лица. Во некои од нив сега има по 2, 3, 10, 15, а во некои и по 30 вработени лица.
– Мерката грант за самовработување на невработени лица во износ од 185 илјади денари неповратни средства за опрема и репроматеријали се покажа како една од најзначајните мерки во отворање нови работни места. Досега преку неа се отворени нови 8.158 мали бизниси. Таа им помогна на огромен број невработени лица да се охрабрат да го започнат сопствениот бизнис, да ја започнат со реализација својата бизнис идеа, а со тоа да се самовработат, да обезбедат приходи за егзистенција, а со текот на времето да се развиваат, да напредуваат и да отвораат и нови работни места, рече на доделувањето на грантовите дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој додаде дека на денешниот настан се одбележува завршувањето на вториот циклус или јавен повик кој бил објавивме со АВРМ оваа година.
– Годинава имаме обезбедено околу 225 милиони денари за реализација на вкупно 1.000 грантови за самовработување тоа се илјада нови компании, 1.000 нови работни места кои ќе ги поддржиме финансиски годинава само преку оваа мерка, рече Спасов.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски појасни дека денеска се доделуваат грантовите за учесниците од вториот циклус, односно првата фаза бидејќи, како што рече, секој циклус е поделен во три фази и се релизира во зависност од завршените предмети од страна на комисиите кои ги оценуваат.
– Ќе ги доделиме првите грантови од Куманово, Велес и од Скопје, а во наредните денови и од другите фази. На тој начин ќе се заокружи бројката од 900 бизнис планови од првите два циклуса, а третиот циклус за кој повикот заврши во петокот, ќе биде завршен до крајот на годината, рече Поповски, додавајќи дека третиот циклус опфаќа 100 нови грантови.
Информира и дека во текот на ноември најдобрите, науспешните, најиновативните и економски одржливите планови ќе добијат дополнителни 2.000 евра неповратни средства за развој на бизносот.
– Се надевам дека ова ќе ги поттикне оние кои размислуваат за нови бизниси да дојдат во АВРМ од јануари, кога ќе почне новиот циклус за активни мерки за 2017 година, да аплицираат и да добијат средства за сопствен бизнис и да ја развиваат својата идеја, рече Поповски.
Досегашните искуства, рече, се многу позитивни, бидејќи многу од компаниите од почетното едно работно место, сега имаат по двајца, тројца, пет, 10, 15 или 30 луѓе.