ДОНЕСЕН ЗАКОНОТ: Со запалени светла ќе се вози само при намалена видливост и ноќе


Собранието на Република Македонија попладнево го донесе Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој треба да се надминат досегашните недоследности и проблеми кои се појавуваа во пракса и поефикасно функционирање во областа на безбедност на сообраќајот, како и усогласување со европската регулатива во оваа област.

policija soobrakjajna kontrola mk

Со Законот, меѓу другото е предвидено задолжителна употреба на запалени светла за време на управување со возило само во периодот од првиот самрак до потполно разденување, како и дење во случај на намалена видливост. Кај мотоциклите, пак, задолжителна е употребата на светла дење и ноќе, а се предвидува и соодветно светлосно обележување и на велосипедистите заради нивна поголема безбедност во сообраќајот, пренесува МИА.

Законот содржи нов концепциски пристап и во делот на казнената политика за прекршоците од областа на сообраќајот на патиштата, која, се наведува во образложението, целосно е усогласена со системот на казнување предвиден во Законот за прекршоците.

Законот нуди и концептуално нови решенија во делот на оспособување на кандидатите за возачи, возачи, автошколи и испитни центри и возачки дозволи, односно проверка на стручноста на возачите-инструктори. Со предложеното законско решение се надминува досегашниот начин на спроведување на возачкиот испит и зголемување на степенот на квалитет на обуката на кандидатите за возачи односно возачите-инструктори.policija soobrakjajna

Лилјана Поповска од ДОМ рече дека нема да го поддржи Законот и   дека треба да се повлече и да се направи нов закон за кој претходно ќе се одржат серија јавни расправи.

Таа посочи две работи кои се битни, а во законското решение ги нема, а се однесуваат на заштитата на велосипедистите и на можноста за возење на премногу млади лица. – Никакви кациги и елеци нема да ги спасат велосипедистите ако нема патеки за велосипедисти, рече Поповска и додаде дека секој ден има по некој инциденти со велосипедисти, а тоа е така затоа што нема велосипедски патеки.

Собранието во рамки на 67-та седница го донесе и Законот за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење. За Законот гласаа 60 пратеници, против немаше, а 25 беа воздржани. Со 10 гласа „за“ Законот беше поддржан и од пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Според пратениците од опозицијата, кои беа воздржани во гласањето, преголем е опфатот кој треба да биде третиран со предложениот Закон, а со него ништо нема да се подобри, туку ќе се искомплицираат процедурите за заштита на Старото градско јадро.

На ова реагираше министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска која констатира дека е жално да не се даде поддршка за заштита на Старото градско јадро на Битола.

– Законот го предлага Владата на Република Македонија, Министерството за култура и стручната комисија која интензивно работеше на целиот проект за разлика од СДСМ од која во изминатиот период не видовме никаков интерес за културата, а посебно за заштита на културното наследство. Таа индиферентност кон сопствената култура повторно се гледа од ваша страна, рече Канческа – Милевска.

Пратеникот Зоран Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ не се сложи со тоа дека се работи за преобемен опфат и оти законот ќе ги искомплицира процедурите за заштита, туку, како што рече, ќе овозможи подобро спроведување на процедурите и ревитализација на Старото градско јадро на Битола.

– Во процесот на носење на законот имаше интензивни разговори меѓу стручните служби на Министерството за култура и стручните екипи во Битола. За таа цел беа доставени поголем број амандмани, рече Илиевски.

Министерката Канческа – Милевска рече дека кога станува збор за културно наследство сите треба да имаат заеднички став во насока тоа да се зачува. Додаде дека елаборатот за Старото градско јадро на Битола е работен година и пол од страна на стручни лица.

Томислав Тунтев од СДСМ нагласи дека неговата партија ги поддржува сите закони, сите меѓународни конвенции и регулативи и се она што како стандард и препорака се однесува на заштитата на природното културното и историско наследство и, како што додаде, тука дилема нема. – За овој Закон ќе бидеме воздржани. Ќе поддржиме закон кој ќе содржи реална буџетска основа, кој ќе биде поткрепен со реални буџетски средства, рече Тунтев, додавајќи дека не се работи за законот, туку за неговата имплементација.

Народните избраници попладнево го поддржа Предлог законот за изменување на Законот за Царинска тарифа во прво читање.

Собранието ја почна расправата по предложените измени на Законот за јавни набавки, со кој се предвидува Советот за јавни набавки да се издвои од Бирото за јавни набавки и да стане самостоен орган.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека целта е да се зголеми ефикасноста на користење на јавните средства.

– Целта е Советот да се осамостои и да го надогради она што го правеше Бирото за јавни набавки претходно. Резултатите што се остварени во спроведување на јавните набавки се подеднаква заслуга и на Бирото и на Советот, рече Ставрески.

Тој додаде дека во 2014 година откако профукционира Советот за јавни набавки објавени се 15.738 огласи за доделуваање договори за јавни набавки што претставува 16 проценти помалку во однос на 2013 година. Дел, како што додаде,  е резултат на потребата од консултација со Советот за јавни набавки, а дел на корекција за унапредување на процедурите.

Министерот потенцира дека во 2014 година на 6 проценти се сведени и постапките за пеговарања без претходна објава кои во претходната година изнесуваа 12 проценти.

Како аргумент за унапредување на јавните набавки го посочи и дека со примената на електронските аукции заштедени се 3,5 милијарди денари, како резултат на разлика меѓу почетната цена и остварената на електронската аукција.

За пратениците од мнозинството измените се во интерес на граѓаните. Ѓорѓи Коџобашиев истакна дека Закнот го донесе Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година и оти претрпе многу измени кои според него се во интерес и засегнатите страни, како фирмите, компаниите и оние кои ги објавуваат тендерите.

Според Лилјана Кузмановска се обезбедува ефикасност во користење на јавните средства.

– До 2008 немаше вакво законско решение. Она што го донесуваме како законско решение ја регулира оваа област и  сите измените се донесуваа согласно потребите на граѓаните, рече Кузмановска.

Драган Цуклев посочи дека цела е да се зголеми конкуреноста на јавните набавки.

За Владанка Авировиќ со измените се воведува процес на мониторирање на трошење на парите.

Марјанчо Николов од СДСМ посочи дека со законското решение не се воведува ништо ново, туку само ќе се оптовари буџетот и ќе се зголеми јавната администрација.

Собранието на РМ ќе ја продолжи расправата по оваа точка утре на продолжението на седницата закажано за 11 часот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1