Донесени 4 ослободителни и четириесетина условни пресуди за ,,Змиско око“


По 13 години низ судските лавиринти, денеска падна првостепената пресуда за веќе историскиот случај „Змиско око“. Претходно, во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето по трет пат почна од почеток.

Се пресудија четири ослободителни и четириесетина условни пресуди. Процесот кој датира од пред тринаесет години неколку обвинети не го преживеаа, а дел од оние кои денес ги слушнаа пресудите најавија жалба пред Апелација..

„При одлучувањето, како што беше и кажано при објавата, судот ги изведе доказите кои се содржани во напатствијата од одлуката на Апелацискиот суд Скопје, ги имаше предвид својствата на обвинетите, односно улогата која ја имале во предметниот период , а при анализа на доказите и при одлучувањето судот се раководоше исклучиво од материјалните докази кои укажуваа на кои наплатни станици е констатирана некаква штета, а на која наплатна станица не е утврдена никаква штета при работењето на инкасантите“, се наведува во соопштението од судот.

Со пресудата, како што стои во соопштението, Обвинението за кривичното дело Злосторничко здружување по чл. 394 ст.2 од КЗ се одбива поради настапување на апсолутна застареност.

„Обвинетите В.М. С.А., В.Ј., З.Б. се ослободуваат од обвинение за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 вв ст.1 од КЗ. Останатите обвинети се огласуваат за виновни за кривичното дело по чл. 353 ст.5 вв ст.1 од КЗ па имајќи ја предвид нивната позиција, својство и овластување им се изрекува: За одговорното лице – алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 2 години која нема да се реализира доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело“, се додава во соопштението.

Од судот посочуваат дека на обвинетите кои имале својство на контролори на наплатни станици им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 1 година и 6 месеци доколку во следните 3 години не сторат ново кривично дело, обвинетите со својство на сменоводители и инкасанти им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна од 1 година доколку во следните 2 години не сторат ново кривично дело.

Воедно судот не го прифатил предлогот на застапникот на обвинението со дополнителна пресуда да одлучува по однос на имотно – правното побарување и за тоа Државниот правобранител го упатил на граѓанска парница.

„Потребно е да се напомене дека при објавата на пресудата еден од обвинетите чии идентитет е познат искажа навреди и пцовки упатени кон судечкиот совет за што судот ќе изготви службена белешка и ќе покрене соодветна постапка“, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1