Четири плажи на Дојранско Езеро се забранети за капење, објави порталот „Здравство24“. Според нивните информации, вакво решение донел Државниот санитарен и здравствен инспекторат откако последните анализи од пред една недела направени во Центарот за јавно здравје во Велес покажале дека водата во езерото на четири мерни места е загадена. Бактериолошката и хемиската неисправност била од трет степен.
– Тоа се мерните места Градска Плажа, Црвен Крст, Златен Брег и Калдрма. Информнирани се и градоначалникот и комуналното претпријатие што стопанисува со езерото да постават табли за забрана за капење – изјави за „Здравство24“ д-р Вера Менковска, инспектор во ДСЗИ.
Од ДСЗИ велат дека доколку надлежните преземат соодветни мерки за подобрување на квалитетот на водата во езерото забраната ќе биде тргната веднаш.
– Ако анализите покажат подобри резултати забраната ќе биде тргната – додава д-р Менковска.
И годинава Треска и Вардар се строго забранети за капење. Таму водата е од четврти и од петти степен бактериолошки загадена.
Од друга страна, водата е чиста и безбедна во Охридско и во Преспанско Езеро.