Општина Карпош дава препорака за организирање на настава по електронски пат, во деветтите одделенија во општинските основни училишта.
Како резултат на актелната состојба со вирусот Ковид-19 и прекинот на воспитно-образовниот процес, локалната самоуправа иницира надоместување на изгубениот наставен материјал преку посебна дигитална платформа.
Како што соопшти Општина Карпош, градоначалникот Стефан Богоев, заедно со претставници од Одделението за образование на Карпош, во текот на вчерашниот ден имаше средба со претставници од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, како задолжени институции за планирање на наставата.
Пред институциите, Богоев ја претставил платформата, која е во процес на изработка, упатството за работа, како и целта на е-наставата.
– Намерата е да се прикачуваат содржини кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми, но и да се креира двонасочна комуникација со учениците, да се мотивираат за овој начин на настава, се вели во соопштението.
Приоритетот е ставен на деветтите одделенија, како резултат на фактот што учениците-полуматуранти ќе се соочат со уписи во средно училиште, но од Општината ги охрабруваат и пониските класови да ја спроведат платформата.
– За оваа цел, в понеделник, Општината иницираше работна средба со сите десет основни училишта од Карпош, каде што ќе се претстави платформата, а се предвидува и презентација за целокупната јавност, додаваат во соопштението.