Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој е обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности, од затворот во Шуто Оризари ќе биде префрлен во домашен притвор.
Кривичниот суд решението за замена на притворот го донел вчера. Укинување на оваа мерка, бараа неколку граѓански здруженија, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради лошата здравствена состојба на Темелко.
Како обвинет во случајот на Специјалното јавно обвинителство, на него му беше определа мерка на претпазливост односно требаше да не ја напушта државата и да се јавува во судот, но поради непочитување на мерката пред два месеци доби притвор.
Со него, во „Титаник“ обвинети се и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер, Никола Груевски, поранешните министри Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, екс генералниот секретар на Владата, Кирил Бошиновски, шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер и други лица.