Нарасната трева и над еден метар. Водата надојдена, езерото полно поради силните дождови што се слеваа низ Скопје изминатите недели. Првиот сончев пролетен ден донесе и рибари на Смилковското езеро. Чувари нема. Рибарите велат дека езерото нема концесионер. Мирно е и тивко. Утрински весник – една година потоа го посети местото и семејствата на загинатите кај Смиљковци. Еве дел од трогателниот текст – целосната репортажа на Утрински Весник.
Денеска е 13 април 2013 година. Пред точно една година, ова беше најтажното место на светот. Петмина луѓе беа грозоморно убиени без никаков повод и причина. Наредени на земја и брутално егзекутирани. Петтата жртва, според полициската истрага, беше очевидец. Мораше да плати со живот за тоа што го видел.
Македонија занеме од тага. Малку фалеше гневот да ја фрли земјава во граѓанска војна. Полицијата реагираше бргу. Три недели по масакрот, беа уапсени дваесетина лица, следбеници на радикалниот ислам, кои според МВР, се одговорни за убиствата.
Во дворот од семејната куќа во Црешево. Жена во години, скршена од болка, ама силна. Црна шамија околу вратот. Додека не’ нуди со сок, реторички прашува што може да се каже по толкава трагедија, а потоа зборовите сами течат. Александар Наќовски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Филип Славковски и Борче Стефковски – убиените во овој крвав настан.Една година по убиството кај Смилковското езеро: солзите не пресушија
„Му дадовме една година на Борче. Син на мајка, останав без него“, зборува во грч. Се присетува на ланскиот 12 април.
„Ми се јави од работа. Работеше приватно. Рече дека ќе купел јагне, Велигден идеше. Со татко му го чекавме на софра. Поставивме салата, ракија, ручекот беше готов. Дури и леб ни рече да не купуваме, оти таму кај него имало некоја фурна, тој ќе донесел свежа векна. Се стемни, него го немаше. Застанал да фрли јадица на езерото. Почнавме да се грижим зошто го нема, но не помислувавме на најлошо. Кога разбравме дека се случил масакр и дека автомобилот на Борче бил покрај езерото, почна да ме јаде јанѕа“, вели Божана.
Најмногу ја мачи тоа што не дозна зошто и настрадало детето. Вели, да беше болен, можеби и ќе разберев, ќе си речев така сакал Господ, така требало да биде.
Домот на Наќовски. Осумнаесетгодишниот Александар не ја дочека матурската прослава. Неговата баба ја „чува“ куќата, додека неговите родители се на работа. Општина Бутел ги вработи родителите на загинатите момчиња.
Прашањата што ги мачат се истите веќе 365 дена: Зошто мирното и повлечено дете мораше вака трагично да заврши? Кој и зошто го уби? Кој и зошто го зави семејството во црно? Родителите Горан и Зорица делеа од секој залак за да можат да му купат костум на својот син за матурската вечер. Костумот отиде во гроб со него. Останаа недоживеани соништата на Александар да запише полициска академија, да се ожени и да се вработи. Омилената негова песна „Чедо Дамјане“, поради која што планирал првото синче да го крсти Дамјан, веќе не се слуша.
Четворицата другари постеа, беше неделата пред Велигден. На Велики четврток, околу 15 часот појдоа да ловат риба на таканареченото „Железарското езеро“ кај Смилковци, оддалечено неколку километри од нивните домови. Седум часа подоцна, нивните тела наредени едно до друго беа најдени на земјениот пат кај малото езеро.
целосната репортажа на Утрински Весник.
Видео снимки од известувањето на медиумите по убиството – Прес 24/ Сител