ЕК ја објави новата методологија за преговори за членство во ЕУ


Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ја презентираше новата преговарачка методологија за земјите кандидати.

Вархеји ги потврди четирите принципи врз кои ќе се темели новата методологија доколку биде усвоена од страна на земјите членки: кредибилитет, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност.

Со новата методологија што ја нуди Европската Комисија, земјите членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат. Преговорите ќе се водат на подинамичен начин преку кластерите (групи на поглавја) кои ќе се отвораат зависно од проценката на напредокот во земјата кандидат, но останува принципот според кој поглавјата поврзани за владеењето на правото и правдата се темел на целиот процес. Овие поглавја, како и до сега, ќе се отвораат први и затвораат последни. Европската Комисија смета дека со кластерите земјите ќе можат побрзо да напредуваат доколку за тоа покажат способност и подготвеност.

Се зајакнува и можноста за суспендирање на преговорите во случај на прекршување на основните демократски начела, а се нуди и поголем пристап до фондовите на ЕУ. Документот ја нагласува важноста и на испорачувањето на ветеното од страна на земјите членки.

Принципот на обратно квалификувано мнозинство значи дека предлогот е усвоен освен доколку се блокира со квалификувано мнозинство. Обичното квалификувано мнозинство значи дека предлогот се освојува со квалификувано мнозинство.

Оваа методологија треба сега да биде усвоена од страна на земјите членки на ЕУ, а Европската Комисија во наредните денови треба да објави нов извештај за реформскиот напредок во Скопје и Тирана.

Земјите членки треба да дадат зелено светло за сите извештаи за да може да се донесе позитивна одлука за почеток на преговори кон крајот на март.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1