Економските санкции засега единствени реакции на нападот од Москва


НАТО и Европската Унија се со храбриот украински народ. Заедништвото е нашата сила, порачаа водечките луѓе на овие институции по средбата во Брисел, каде што искажаа целосна поддршка за територијалниот интегритет на Украина.

Русија е целосно одговорна за ескалацијата, а на ѕверскиот и варварски акт на Кремлин ќе одговориме со масовни санкции кои сериозно ќе и наштетат на руската економија, посочи претседателката на Европската Комисија.

„Ќе ги замрзнеме руските средства во ЕУ и ќе го блокираме пристапот на руските банки кон европските финансиски пазари… Мерките ќе бидат сериозен удар за Русија…”

Веднаш откако Путин ја почна воената операција во Украина, со остра осуда је јави и американскиот претседател Џо Бајден.

„Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили. Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање. Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начин. Светот ќе бара одговорност од Русија“, се вели во соопштението на Бајден.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги опиша актуелните настани како „ужасен ден за Украина и мрачен ден за Европа“, додека францускиот претседател Макрон ја повика Москва веднаш да запре со воената операција.

Британскиот премиер Борис Џонсон го прекори Путин што го избрал патот на крвопролевање и најави тешки санкции за Русија.

Обединетите Нации го повикаа рускиот претседател да ги повлече своите трупи од Украина во име на хуманоста.

Кина нема да се придружи на санкциите бидејќи никогаш не ги сметала за најдобар начин за решавање на проблемите, реагира Пекинг.

Одбивајќи да го наречат рускиот потег “инвазија”, Кина ги повика сите инволвирани на воздржаност и смиреност.

Турскиот претседател Ердоган го осуди рускиот напад, нарекувајќи ја инвазијата тежок удар за регионалниот мир, а една од ретките земји која не се спротистави на потегот на Путин е Белорусија, чиј претседател Лукашенко само информираше дека белоруската војска не учествува во нападот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1