Вчера од Франција во Македонија екстрадиран е Миле Хаџиски, по речиси две и пол години екстрадициска постапка. Баран со меѓународна потерница од 1996 за издржување на 20 годишна затворска казна за сторено кривично дело “убиство“ извршено во јуни 1993 година во Скопје.
МВР соопшти дека во февруари 2012 година Миле Х. беше уапсен од страна на швајцарската полиција при што преку меѓународна полициска соработка која се одвиваше со посредство на Интерпол во Берн, беше потврдено дека уапсеното лице со податоци Зоран Т. роден 29.06.1966 година, всушност е Миле Х. Според информациите со кои располагаше македонската полиција, осомничениот во тој период честопати се движел на релација помеѓу Франција и Швајцарија. Во мај истата година тој побегнал од швајцарскиот затвор во Лозана, но три месеци подоцна, во август, е уапсен од страна на француската полиција во Авињон. Миле Х имал повеќе лажни иднетитети, а се сомничи за повеќе кривични дела сторени на териториите на Франција и Швајцарија, како и дека бил дел од криминалната група позната под псевдонимот Пинк Пантер.
Инаку, на 18.06.1993 година, околу 12 часот, во станот на бул.„Авној“ бр.104, на свиреп начин и од користољубие, со умисла тој ја лишил од живот Мери Јошевска. По претходна настаната расправија, најпрвин почнал да ја дави со раце, а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по глава. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе, и задал на покојната 40 удари во пределот на главата и стомакот, заради што поради внатрешно и надворешно искрварување, кое настанало како резултат на здобиените повреди, Јошевска починала на лице место. По извршеното дело, Миле Х. земал неколку парчиња златен накит и го напуштил станот. За извршеното кривично дело од страна на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, беше осуден на издржување казна затвор во времетраење од 20 години.
По вчерашната екстрадиција тој е пренесен во затворот во Идризово.