Општина Центар и ЈП Паркинзи на Општина Центар се во преговори со Агенцијата за енергетика за поставување на полначи за електрични возила и велосипеди на пет локации на најфрекфентните места во централното градско подрачје на Скопје, пишува Build.mk.
Според информациите објавени на интернет – страницата на Агенцијата за енергетика, првата локација на која ќе биде поставен полнач за електрични возила и велосипеди ќе биде монтажниот паркинг во Капиштец. Подетални информации за оваа идеја засега не се соопштуваат.
Ниту еден македонски град во моментов нема изградено инфраструктура за непрекинато функционирање на електричните автомобили.
За разлика од земјава, во соседните балкански држави поактивно се работи на поставување полначи за овој вид на возила, кои што допрва треба да влезат во масовна употреба во глобални рамки.
Поради непостоењето на соодветна инфраструктура и високата цена, увозниците на познатите брендови на автомобили во Македонија сеуште не нудат можност за купување на вакви возила. Технологијата за придвижување на автомобилите со помош на електрична енергија е стара речиси два века. Во согласност со постоечкото ниво на иновација, едно просечно електрично возило може да помине растојание од 100 до 150 километри помеѓу две полнења на батеријата.
Извор – Build.mk