Кога некој би ви рекол дека само со неколку саати работа секој ден можете бесплатно да ја заобиколите целата планета, веројатно нема да му поверувате. Сепак, тоа е вистина, бидејќи станува збор за волонтерски туризам на фармите, пренесува Факултети.мк.
Како функционира?
Многу фарми, особено оние кои се вклучени во проекти за зачувување на природата, повикуваат луѓе да волонтираат и помагаат во секојдневните обврски во замена за бесплатна храна и сместување. Доколку имате волја да „ги засукате ракавите“, ова е одличен начин да го запознаете селскиот начин на живот ширум светот и да уживате во новото опкружување, бесплатно.
Фармите кои примаат волонтери можете да ги пронајдете преку страни како wwoof.net или Growfood и да стапите во контакт директно со сопствениците за да го закажете вашиот престој. Повеќето фарми бараат да останете една до две недели, а за должината на престојот преговарате со домаќините и тој може да варира.
Што се работи?
На фармите секогаш има работа – од берење грозје, до учење на систем за наводнување. Секако, тука е и грижата за домашните животни, работење на поле како и традиционалните работи низ дома.Работното време варира од неколку до осум часа. Внимателно проучете ги информациите за работењето, за да можете да разговарате со домаќините.
Дали е безбедно?
Проверката на безбедноста кај домаќинот зависи од организацијата и земјата во која сакате да одите. Некои од регионалните групи во склоп на Wwoof ги посетуваат домаќините пред да прифатат да ги објават нивните огласи, но не е секогаш овој случајот.
Исто така, некаде можете да прочитате за искуствата на патниците со некои домаќини, што е случај со Growfood.
Совет од искусен „патувачки земојделец“
„Најдобро е веднаш да го прашате домаќинот што очекува од вас, пред воопшто да го земете во предвид“, вели Лара Хоув од Велика Британија, која работела на фарма во Франција и Данска преку посредство на Wwoof.
„Така ќе се намали веројатноста некој да ве експлоатира“, додава таа.
Каде да се пријавите?
Wwoof е основан во 1971 година во Лондон, а има претставништа ширум светот.
Регионалнa група има и во Македонија http://www.wwoofmacedonia.org Годишната члeнарина изнесува од 15 евра во зависност од земјата во која би сакале да патувате.
Growfood тренира нова генерација на таканаречени фармери во одржливо производство. Страната има мрежа од илјада фарми, воглавно во Америка, а и останатите делови од светот. Регистрирањето е бесплатно.
HelpX односно Help Exchange е основан во 2001 година и нуди волонтерски ангажмани воглавно во Австралија и Нов Зеланд. Волонтерите може да се регистрираат бесплатно, но нема да бидат целосно видливи во пребарувањето. За целосно користење на страната треба да уплатите 20 евра за две години.