Македонија се соочува со зголемен број болни од овчи сипаници, или варичела, а веќе е прогласена епидемија во Кочани, Берово и Пехчево. Во текот на минатата година се регистрирани над 10.000 случаи на овчи сипаници, а само од почетокот на годинава со овој вирус се заразиле над 500 лица. Во Скопје, за две недели од овчи сипаници се разболеле 178 луѓе, од кои најголем број се деца до шест години. Во декември во скопскиот регион имало 389 болни, додека за цела 2016 година се регистрирани 3.294 болни од варичела.
Најголем број на заболени во 2016 година се регистрирани во Скопје, со инциденца од 529,6 на 100.000 жители, потоа Велес со 857 заболени и Куманово со 670 заболени и инциденца од 469,6 на 100.000 жители. Во јануари досега се регистрирани 271 случај од кои најмногу во Скопје, Крива Паланка и во Прилеп.
На удар на варичелата најмногу се децата од градинките и училиштата, односно речиси половина од заболените се на возраст до шест години. Меѓу болните, иако многу ретко, има и возрасни. Поради ова лекарите предупредуваат возрасните, посебно трудниците и хронично болните кои ја немаат прележано болеста, да внимаваат, бидејќи, за разлика од децата кои овчите сипаници може да ги поминат на „нозе“, кај возрасните се можни компликации, а кај бремените жени и пренесување на инфекцијата на плодот.
Се очекува сипаниците и натаму да се шират. „Иако, варичелата се регистрира преку целата година, кај нас најчесто се јавува во зимските месеци (од ноември до јануари) и напролет (од април до јуни)“, додава д-р Лилјана Лазаревска, епидемиолог од скопскиот Центар за јавно здравје. И нејзината оцена е дека годинава има зголемен број на болни, што обично се случува по неколку години мирување, кога ќе почне да опаѓа колективниот имунитет и ќе се појават нови генерации кои не ја прележале болеста, бидејќи, иако има вакцина против ова заболување, таа кај нас не се користи.
Најзафатени се возрасните групи на деца до шест години (59 проценти од сите регистрирани случаи) и деца на возраст од 7 до 14 години (29,5 отсто).
„Тоа е и очекувано, бидејќи од варичела најчесто заболуваат децата на возраст до 9 години, иако може да заболи и возрасен човек, всушност, секој што не ја прележал оваа болест и нема имунитет“, објаснува д-р Микиќ.
Варичелата ја предизвикува вирусот зостер. Периодот на инкубација е од две до три недели, а заразата може да се пренесе на друго лице еден или два дена пред избивање на исипот и се’ додека сите везикули (исипот) не формирале красти (коричка), што обично трае од пет до седум дена. Болеста може да биде сериозна кај повозрасните и кај лица со намален имунитет, а најчеста компликација се бактериски суперинфекции на кожата. Компликации како што се пневмонија и енцефалитис, иако ретко, не се исклучени и може да се опасни, па дури и да завршат фатално.