Спас и почитување и имплементација на договорот од Пржино, а не постигнување нов договор за излез од политичката криза во Република Македонија. Ова, како што за МИА потврдија од Европската унија, ќе биде целта на новата лидерска средба на првите луѓе на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА што во организација на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан во петок (22 април) ќе се одржи во Виена, јави дописникот на МИА од Брисел.
Запрашана зошто Виена, а не Брисел или Скопје е избрана за место на преговори и дали Хан со Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети ќе разговара за постигнување нов договор и каков е планот на ЕУ за преговорите в петок, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ истакна дека целта е спас на договорот од Пржино.
– Би рекла зошто не Виена? Можам да кажам дека е добро познато дека е испратена покана-писмо во име на комесарот Хан и тројцата европратеници посветени во ова прашање за состанок со политичките лидери од БЈР Македонија што треба да се случи во Виена овој петок на 22 април. Целта на состанокот е да се дискутира за начините за решавање на кризата и да се обезбеди дека лидерите ќе продолжат со имплементација на договорот од Пржино и со реформските приоритети за да покажат волја д аја вратат земјата назад на евроатлантскиот пат и тоа одговара втор дел од прашањето во одно сна самио договор, истакна Коцијанчиќ.
Според информациите од Еврокомисијата, иако се уште не е избрано точното место каде ќе се одржи состанокот во главниот град на Австрија, се шпекулира со седиштето на ЕУ-делегацијата во Виена или во седиштето на ОБСЕ. Единствено е познато дека состанокот в петок ќе започне во 11 часот и се очекува да трае долго поради претходното искуство на сите засегнати при ваквите преговори во минатото.