ЕУ воведе прв пакет санкции кон Русија


Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска постигнаа политички договор за првиот пакет санкции против Русија, „што ќе биде многу болно за неа“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

„Овие санкции ќе бидат многу болни за Русија“, рече Борел по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Париз.

„Постигнавме едногласна согласност за првиот пакет санкции“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.

„Санкциите немаат чудесен ефект, но се економски болни, а исто така се болни и за луѓето против кои се насочени“, рече Борел.

Политичкиот договор за санкции, кој допрва треба да биде формално ратификуван за да стане закон, е одговор на ЕУ на признавањето од страна на Русија на одметнатите територии на Украина, Доњецк и Луганск, чија независност беше прогласена од руските сепаратисти.

Се воведуваат санкции за 351 член на руската Дума и 27 физички и правни лица кои придонеле за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, вклучувајќи ги и руските банки кои ја финансирале руската војска и други операции на тие територии.

„Ова е јасен одговор на (руското) кршење на меѓународното право. Санкциите се директно насочени кон поединци и компании вклучени во овие акции, како што направивме по нелегалната анексија на Крим во 2014 година. И конечно, ја ограничуваме способноста на Руската влада ќе собира капитал на финансиските пазари на ЕУ.

Ќе му отежниме на Кремљ да води агресивна политика“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Таа ја оцени како правилна одлуката на германската влада да ја замрзне процедурата за издавање дозвола за работа на гасоводот Северен тек II, кој директно ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море.

„Северен тек II треба да се оценува во светлината на безбедноста на снабдувањето со енергија за цела Европа, бидејќи оваа криза покажува дека Европа се уште е премногу зависна од рускиот гас“, додаде Фон дер Лајен, истакнувајќи дека ЕУ треба да ја диверзифицира енергијата.

Ова е првиот пакет санкции, а Западот држи во резерва посилни санкции доколку кризата дополнително ескалира.

Пет руски банки се на списокот со санкции кои сега се договорени, но само една од нив е од системско значење.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1