Со хеликоптер на МВР денеска ќе бидат евакуирани три лица во завеаното со снег струшко село Ржаново, а надлежните институции прават максимални напори за расчистување на патиштата кон отсечените села поради невремето, информира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по денешниот координативен состанок на Кризниот штаб.
Претстои, истакна Јанакиески, уште постуден бран поради што ќе има голомразица на патиштата и е потребна максимална внимателност од возачите.
Од 5 часот изутрината веќе е прооден патот Кичево – Охрид. Во текот на ноќта, како што рече Јанакиески, биле ангажирани повеќе од 10 машини на „Македонија пат“ и приватни компании со што тој патен правец е прооден за лесни возила и за возила до пет тони. Задолжително е користење зимска опрема.
– Полека се нормализира состојбата со напојување со електрична енергија. Најголем дел од населените места Вевчани, Велешта, Октиси денеска околу 14 часот ќе имаат редовно напојување со електрична енергија. Најголем дел од населените места денеска ќе треба да имаат струја, а ќе останат мал број планински села кои ќе добијат исто така електрична енергија во текот на наредните денови, рече Јанакиески.
Тој информира дека на патот Кичево – Охрид, кај Пресека, од утрово е во тек акција за извлекување на 13 завеани автомобили кои ќе бидат однесени во Охрид затоа што дел од патниците ги напуштиле возилата. – Очекувам дека до крајот на денот или во текот на утрешниот ден тој пат ќе биде прооден и за автобуси и за тешки товарни возила, посочи министерот Јанакиески.
Според него, бројот на завеаните села од час во час се намалува, а покритично е на територијата на општина Дебар, како и поголем дел планински села кај Македонски Брод. Таму се ангажирани екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и на локалните самоуправи.
– Поголем дел од тие села воопшто не се населени, а некои се користат и за туристички цели. Моментно освен трите лица кои се завеани и побарале помош, нема такво барање од некој друг. Постојано се чисти и од час во час се намалува бројот на населените места кои се непристапни во државава, рече Јанакиески.
Со оглед на најавите од Управата за хидрометеоролошки работи за уште постудено време во наредните денови со пад на температурите до минус 20 степени Целзиусови, Јанакиески апелира до сите возачи во пресрет на новогодишните празници да внимаваат при возењето поради опасностите од голомразица.
– Апелирам да се вози внимателно, да се почитуваат пропишаните брзини. МВР дополнително ќе ангажира сили за да може да им укажува на патниците да возат полека, а доколку некој ја надмине брзината ќе има санкции согласно законот, изјави Јанакиески.