Врнежи од слаб снег има на Стража, Маврово, Буково, Плетвар и Пресека. На планинскиот превој Ѓавато врнежите се со среден интензитет, соопшти Автомото сојузот на Македонија во извештајот за состојбата на патиштата во 18 часот.
Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози на повисоките места во западниот и југозападниот дел, со остатоци од кашест снег на повисоките делови по интервенција на дежурните екипи. Во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Мак. Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Д. Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Поради продор на многу студена воздушна маса од север во следните денови ќе преовладува променливо облачно, студено и ветровито време. Утре и задутре ќе провејува слаб снег и ќе дува силен северен ветер, особено на планините, повремено со брзина околу 100 километри на час. Дневната температура значително ќе опадне и најниска ќе биде во четврток и во петок кога на повеќе места ќе се задржи негативна. Од петок следува постепено разведрување, за време на викендот времето ќе биде сончево, а за новогодишната ноќ ведро и многу студено со температури под -10 степени.