Според анализата на центрите за социјална работа, едно дете кое пита месечно заработува и по 7 200 денари, што ги надминува примањата на неговите родители. Податоците покажуваат дека 236 деца живеат под ведро небо. Тие по улиците се сами или со возрасните, принудени да питачат, пишува Фактор.мк.
Најмалото дете има само неколку месеци, а најстарото 18 години.
Најмногу деца без покрив на глава има во Скопје, но има и по улиците на Битола, Куманово, Велес, Гостивар и Кичево.
Дел од децата се со загрозено здравје, а аларманти се случаите на деца кои дуваат лепило.
Народниот правобранител Иџет Мемети вели решавањето на овој проблем е предизвик за сите органии институции за кои работат на полето на заштиа на детето.
Тој заедно и Министерството за труд и социјална политика, побараа граѓаните да не им даваат пари на децата што просат на улица, за да се намали нивниот број.
„Треба да се направи кампања за безбедност на сообраќајот, при која ќе се апелира граѓаните да се воздржуваат да им даваат пари на децата питачи, за да се искорени оваа појава и да може да се реши институционално. Со ваква кампања ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намалат ризиците по живот на децата на улица”, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Мемети истакна дека најголемите проблеми со кои се соочуваат децата од улица се запишување во матична книга на родени, образованието и во здравствената заштита.