Шпанскиот весник Мундо пренесува сведоштва и информации дека Исламската држава принудува затвореници да даваат крв, а оние кои ги осудува на смрт, претходно во специјално опремени клиники ги подложува на операции на вадење на органи.
Вадењето органи од убиени „неверници“ започнало во јануари 2015 година во болниците во градот Мосул и тоа откога бил освоен од Исламската држава се држи во тајност.
– Штом пристигнале во Мосул, џихадистите застрелале десетици лекари и медицински сестри кои одбиле да го сторат тоа – пренесува весникот сведоштва на безбедносните сили во Багдад и на оние кои успеале да побегнат од Мосул и сега објавуваат на интернет мрежите што навистина се случувало таму.
Мундо во обемен извештај од Каиро наведува дека лично Абу Бакр ал-Багдади, самопрогласениот калиф на Исламската држава во Сирија и Ирак, со верска фатва наредил „да се вадат здравите органи од отпадниците од верата за да се спасат животите на вистинските, побожни муслимани“, а се подоходната трговија со човечки органи се претворила во многу профитабилен бизнис и во окружувањето на терористичката парадржава, па започнал и извоз во други земји.
– Во клиниката Ибн Син во Мосул е поставен нов хируршки оддел со најнова технологија со цел да се вршат операции на вадење човечки органи, а пристап до одделот имаат само странските лекари кои ги донела Исламската држава – велат сведоците.
Операциите се правени и во клиниките Ал Салам и Ал Захрауи, а сведоците раскажуваат дека „колку што се знае досега, извршени се вкупно 183 операции на вадење органи од убиени заробеници кои претходно темелно се прегледани во најмалку три болници во Мосул“.
„Експертите по судска медицина кои ги прегледале телата на жртвите утврдиле дека 160 лешеви имале отворен граден кош, и сите биле мажи меѓу 20 и 35 години“.
Според овие сведоштва, „на најголем број од жртвите им биле ископани очите, кои не можат да бидат трансплантирани, но џихадистите тоа го прават за да ги жигосаат ови убиени затвореници како шпиони”.
Роднините на убиените затвореници на Фејсбук објавиле дека на телата на убиените роднини нашле големи лузни од операции.
„Извори кои биле сведоци на многу интервенции, велат дека извадените органи во фрижидери се испраќаат понатаму со специјално опремени амбулантски возила… во Сирија, Курдистан и други места“, како што тоа детално го објасни и стручњакот за безбедност во Багдад, Хасем ал Хасини, кој, укажува Мундо, има добри канали за комуникација со луѓе во Исламската држава.
Хашими додава дека „трговијата со органи е многу профитабилен нелегален бизнис кој во благајната на Исламската држава носи пари баш во моментот кога пресушуваат изворите за финансирање на џихадистите“, најмногу поради тоа што на Исламската држава и е отежната илегалната трговија со нафта поради американско-сојузничкото и руско бомбардирање, чија цена исто така многу е падната.
Мундо истакнува дека сето ова, го потврдил и големиот познавач, одбегнатиот поранешен шеф на безбедноста на Исламската држава Абу Омар ал Јазауи, кој во интервју за ирачката телевизија изјавил: „Се сеќавам дека бев во една голема болница каде што работеа странски лекари, вклучувајќи Египќани, каде што пристигнуваа трупови од кои беа вадени органи и трансплантирани на борците или беа продавани“.
Толкување на фатвата на калифот Ал-Багдади, даде и еден „одбор“ на Исламската држава кој вели дека „муслиманските болници се преполни со пациенти кои страдаат од болести кои докторите не се во состојба да ги излечат, како заболувања на срцето, бубрезите и други неволи опасни по живот“.
И, како што тврди, „ако и правниците велат дека, доколку е потребно, може да се јаде и човечко месо за да се избегне смртта, тогаш е уште попрепорачливо да се трансплантираат органи од отпадниците од верата во телата на муслиманите“, а „животот на противниците може да се одземе во целост неказнето“.