Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев, Александар Николоски оствари средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли. Амбасадорот на САД на средбата се интересираше за неколку прашања, информираат од ВМРО-ДПМНЕ доцна вечерва.
-На прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори. На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат, се вели во соопштението од партијата.
На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, беше одговорено дека неможе да помогне пред се затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа.
-Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот, се вели во соопштението.
Амбасадорот Бејли потенцираше дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став. Беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа незначи дека некој поединци, партијата или дражавата неможе да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД.
Sitel.mk