Европа се пишмани – ќе го остави маслиновото масло на маса во рестораните


Европската комисија денеска го повлече предлогот со кој имаше намера од почетокот на идната година да се забрани во рестораните ширум Европската унија служење на маслиново масло во отворени шишиња, јавува дописникот на МИА од Брисел. 
olive oillКомесарот за земјоделство Дачан Чолош денеска соопшти дека се откажува од намерата за воведување на фабрички полнети шишиња со маслиново масло во рестораните кое нема да може да се дополнува, бидејќи предлогот на Комисијата не доби поддршка од земјите-членки на Унијата.

Овој, во најмала рака чуден, предлог на ЕК беше поддржан од 15 од 27 земји-членки на ЕУ и го нема потребното класифицирано мнозинство, но како што посочи комесарот Чолош на денешната прес-конференција во Брисел, Комисијата ќе изврши дополнителни консултации со заинтересираните страни и наскоро ќе излезе со нов предлог.

Инаку, ЕК го образложи предлогот за забрана на послужување со маслиново масло во отворени стаклени флаши со намерата да се подобрат хигиенските услови во рестораните и со тоа дополнително да ги заштитат потрошувачите оти во таквите шишиња често се разредува маслото со друго неквалитетно евтино масло.

Затоа, Комисијата предложи маслото да се послужува во фабрички полнети шишиња со етикета во кои нема да може да се долева масло.
olive oill4Интересно е дека ваквиот предлог на ЕК го поддржаа четирите земји-најголеми произведувачи на маслиново масло: Италија, Шпанија, Грција и Португалија, при што во некои од овие земји на национално ниво и важи овој закон. Причината е што предлогот оди во прилог на европските производители на маслиново масло што ги задоволуваат 70 отсто од светските потреби.

Но, овој предлог на Комисијата предизвика низа критики изминатите денови, при што некои европски медиуми го споредуваа со познатата одредба за изгледот на овошјето и зеленчукот. Па, така британските медиуми изминатите денови прашуваа до кога Унијата ќе се занимава со вакви ефемерни работи наместо да се справи со економската криза што ја тресе, додека германски „Зидојче Цајтунг“ ја нарече оваа одлука најчудна уште од легендарната уредба за изгледот на краставиците во ЕУ. Како што е познато, во Унијата со години важеше уредбата за изгледот на овошјето и зеленчукот кој може да се појави на пазарите и маркетите во земјите-членки. Оваа уредба предвидуваше колку краставиците смеат да бидат закривени за да се појават на пазарот, а исто и морковите. Оваа уредба беше во сила од 1988, а беше укината во 2009 година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1