Околку триста илјади дизел автомобили со Евро 5 стандард, по потекло од Германија по Нова година се повлечени од улиците на Германија и не смееат да се возат.
Автомобилите се очекува да дојдат на пазарот во земјите на Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, по цени што ќе бидат дури и за 50 проценти пониски.
Дел од овие возила емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот со што значително ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10 честички во атмосферата.
Се работи за голем возен парк, а како што пренесува агенцијата Ројтерс околу 300.000 дизел автомобили со Еуро 5 стандард, вредат 4,5 милијарди евра, доколку се земе предвид дека нивната просечна цена чини 15 илјади евра.
Германија се обидува да се ослободи од нив, а за таа цел владата ги потикна Германците да купуваат електрични возила, обезбедувајќи субвенции од 600 милиони евра. Но, според правилата, стариот автомобил не треба да оди на продажба, туку треба да заврши во отпад и да се рециклира. Во праксата и покрај ваквите субвенции, многу малку Германци купуваат електрични возила.
Истражувањето, пак, на германските новинари кое било пренесено во “Ауто билд”, покажало дека само мал дел од овие автомобили биле уништени, а добар дел од нив го продолжиле животот во некоја држава од Источна Европа или на Балканот. Токму ова е причината што во некои земји од Балканот дури 80 проценти од возниот парк се стари возила и сериозни загадувачи на градската средина.