Фатален пад во бездна, а потоа и угризи од животни. Ова се основните претпоставки за смртта на Љубомир Мицевски (78) и неговиот син Сашо (50) од Скопје, кои исчезнаа во шумскиот појас над Лазарополе.
Првичните анализи од обдукцијата на нивните тела извршена на Институтот за судска медицина, покажуваат дека двајцата скопјани биле мртви најмалку десет дена пред да бидат пронајдени минатата недела во реонот меѓу Гари и Лазарополе. Станува збор за ненасилна смрт, иако на вештаците им се потребни и нови анализи. Тие се убедени дека таткото и синот не се нападнати и оти најверојатно паднале во бездната, пишува Утрински весник.
Пензионираното воено лице Љубомир Мицевски и синот Сашо, кој бил полицаец исчезнаа на 14 јули. Утрото тргнале да берат печурки по патот кој добро го познавале, имајќи предвид дека триесетина години доаѓале во семејната викендичка. Двајцата биле во добра физичка кондиција, велат нивните пријатели.