„Мета“ платформите ќе им дозволат на корисниците на Фејсбук и Инстаграм во некои земји да повикуваат на насилство против Русите и руските војници во контекст на инвазијата во Украина, според интерните мејлови до кои агенцијата „Ројтерс“ имала пристап во четвртокот, како привремена промена на нејзината политика за говор на омраза, јавува Ројтерс
Компанијата, исто така привремено дозволува некои објави кои повикуваат на смрт на рускиот претседател Владимир Путин или белорускиот претседател Александар Лукашенко во земји како Русија, Украина и Полска.
„Како резултат на руската инвазија на Украина, привремено дозволивме форми на политичко изразување што вообичаено би ги прекршиле нашите правила како насилен говор како што е ‘смрт за руските напаѓачи’. Сè уште пак, нема да дозволиме веродостојни повици за насилство врз руски цивили“, се вели во соопштението на портпаролот на „Мета“.
Повиците за смрт на лидерите ќе бидат дозволени освен ако не содржат други цели или немаат два индикатори за кредибилитет, како што се локацијата или методот, се вели во еден од мејловите кои се однесуваат на неодамнешната промена на правилата на компанијата.
Привремените промени во политиката за повици за насилство кон руските војници се однесуваат на Ерменија, Азербејџан, Естонија, Грузија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Русија, Словачка и Украина, стои во еден од мејловите.
Во е-поштата која неодамна беше испратена до модераторите, „Мета“ ја истакна промената во нејзината политика за говор на омраза која се однесува и на руските војници и на Русите во контекст на инвазијата.