Илјадници Кубанци во ритамот на латино музиката го славеа во саботата на брегот на хавански Малекон 90-от роденден на водачот на кубанската комунистичка револуција Фидел Кастро кој се повлече од претседателската должност пред десет години поради нарушеното здравје.
Точно на полноќ по локално време беше отсвирена „Среќен роденден“ во честа на иконата на револуционерната левица, герилецот, државник и еден од најживописните челници во поновата историја. На другиот крај од заливот истовремено започна огномет во чест на деведесетте години на Фидел Кастро. Живописната поворка во која беа танчари и музичари кои свиреа салса се протегаше со километри по Малекон, авенија и шеталиште долга осум километри крај морскиот брег.
Од почетокот на август Куба на различни начини ги одбележува роденденот на својот „Ел Команданте“, од фотографски изложби за неговиот живот, до производството на најдолгата пура во светот од 90 метри во чест на Фидел Кастро.
Кубанецот Хозе Кастелар познат како Куето, кој веќе петпати беше прогласуван за рекордер според Гинисовата книга на рекордите во оваа категорија, ја претстави цигарата долга 90 метри која ја направил по повод 90-от роденден на Фидел Кастро во саботата и за која може да го освои шестиот наслов рекордер.
„Цигарата е долга 90 метри, во знак на сеќавање на 90-те години на нашиот командант“, изјавил Куето претставувајќи ја својата пура хавана.
Куето додал дека лично не го познава водачот на кубанската револуција, кој пред десет години се повлече од власта, а цигари престанал да пуши пред повеќе од триесет години.
„Мислам дека не е запознаен (со иницијативата). Не пуши веќе долги години, но овој мој труд нека претставува подарок за неговиот роденден“, вели овој изработувач на цигари кој со оваа работа се занимава од својата 14-та година,
Кастро, во прв ред од САД, е критикуван поради владеење со железна тупаница, за наводно кршење на човекови права и задушување на демократски обиди, а неговото сојузништво со СССР и доведувањето на Куба на советските проектили во 1962 година го доведе светот на работ од нуклеарната војна. Други, пак, велат дека бил важна фигура на Движењето на неврзаните, а го слават, меѓу другото, и дека ја ослободил Куба од американската доминација и на населението му даде бесплатни здравствена грижа и образование.
Фидел Кастро е роден на 13-ти август 1926 година во Биран на истокот од Куба и од раното детство бил сведок на соримаштијата во која живееле најголемиот дел од Кубанците.
Студирал право во главниот град Хавана и веднаш се вмешал во политиката на факултетот. Младиот Кастро не ги криел своите амбиции, на колегите им зборувал дека сака „слава и углед“ и ниту одблиску живеел како спартански револуционер, носел убави костуми и возел кабриолет.
По завршувањето на студиите отворил адвокатска канцеларија, но политиката му останала страст. Во 1952 година се кандидирал за место во кубанскиот парламент, но пучот под водство на Фулгенсио Батиста ги спречил тие избори.
Диктатурата на Батиста ја запира граѓанската кариера на Кастро и ја претвора во револуционерна. Веќе една година подоцна Кастро и неколку пријатели нападнале касарна во Сантјаго. Обидот за преврат бил многу лошо испланиран, што војската лесно го спречила, а заговорниците биле уапсени.
Кастро е осуден на 15 години затвор, но е пуштен на слобода после две години откако Батиста прогласил општа амнестија. Со братот Раул заминува во Мексико и тамо започнал да гради нова револуционерна група. Во егзил го запознал тогаш младиот аргентински лекар Ернесто Че Гевара, кој подоцна ќе му стане соборец, и ги учи тактиките на герилското војување.
Кастро се враќа на Куба во 1956 а во 1958 година тргнува во успешна офанзива против војската. Батиста бега од земјата на новогодишниот дочек, а Кастро на 1-ви јануари 1959 година прогласува победа на револуцијата,
По распадот на некогашниот Советски сојуз, Куба потонува во длабока економска криза. На почетокот од 1990-те години имаше големи проблеми и недостиг од продукти, Само приходите од туризмот и помошта од богатата со нафта Венецуела го спасија социјалистичкото водство од крах.
Фидел се откажа од претседателската функција во јули 2006 година поради, како што наведуваат медиумите тешка но никогаш не објаснета болест. Две години подоцна неговиот брат Раул и официјално го наследни на сите државни и партиски функции.