По повеќе од 6 месеци од породувањето во кое дебарчанката Јилдз Веапоска останала без бубрег, матка и јајник и неколку месеци откако јавноста беше запозната со оваа шокантна судбина, Филипче реши да го разреши Мухамед Асани од директорското место во струшката болница. Новиот директор ќе биде познат најдоцна до утре.
Откако минатата недела Лекарската комора не утврди пропусти, случајот ќе се „чешла“ повторно, овој пат од стручна комисија. Пет члена назначени од Министерството за здравство ќе бараат одговор што се случило на операцијата што морало на родилката да и се отстранат дури три органи.
„Се формира уште една комисија која што ќе ја водат директорите од Клиниките за урологија, КАРИЛ, гинекологија, директорката на ДСЗИ кои што ќе треба да направат анализа на случајот. Донесена е одлука да се разреши директорот на струшката болница и нов ќе се назначи во текот на денешниот или утрешниот ден.“вели Венко Филипче, министер за здравство.
Асани во кусиот разговор за Канал 5 вели дека се уште не е формално известен за разрешувањето. Коментар, рече, ќе даде на посебна прес конференција.
„Немам добиено ништо званично,истакна Мухамед Асани.
– Но, еве, Филипче јавно најави на прес-конференција дека ќе ве разреши.
- Па да, тој има право да најави но јас не знам ништо. Немам коментар, ќе излезам на прес за ова.“одговори Мухамед Асани.
Родилката Веапоска, пак, вели дека и паднал еден камен од срце – но патот до целосна правда е уште долг.
„Многу сум радосна, ова е почеток на борбата со господинот Мухамед Асани. Сакам од луѓето уште поддршка да добивам додека тој кривично не се гони во Обвинителството. Ме задоволува што ова веќе нема да им се случува на други родилки како на мене.“изјави Јилдз Веапоска.
Пред месец и половина Државниот санитарен инспекторат затекна и затвори дива ординација во домот на гинекологот Асани. Случајот стигна и до Јавното обвинителство, но нема информации кога може да се очекува разврска.