Директорката на охридската болница утре ќе биде разрешена, затоа што не била хоспитализирана 66 годишната жена од Струга која почина вчера од коронавирусот, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
Во болницата увид прават инспектори од здравствениот и санитарен инспекторат. Тие истражуваат кој вработен каква улога имал во целиот процес по што ќе се одлучува понатаму согласно нивните одговори..
Овој случај го истражува и јавното обвинителство од Охрид кое отвори предмет по допрен глас. Од таму најновите детали околу истрагата најавија дека ќе ги соопштат утре.
Откако 66 годишната жена ги поусвитувала првите симптоми во вторникот закажала тестирање преку својот матичен лекар кој уште веднаш препорачал хоспитализација на инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите од тестот за коронавирусот, кои пристигнале завчера, пациентката не била примена во болница, иако нејзината состојба драстично се влошила.
Таа имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок, а била во самоизолација откако таа и нејзиното семејство биле во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризната состојба каде имале контакт со еден од заболените доктори.
Позитивен на коронавирусот е и нејзиниот сопруг.