Два нови смртни случаи во Македонија – мажи на 31 и на 91 година подлегнаа на заболувањето од Ковид-19


Двајца мажи, едниот на 31 година, другиот 91-годишен, се новите жртви на корона вирусот во земјава, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Двајцата починале на Инфективната клиника во Скопје. Постариот пациент осум дена се борел со болеста, а помладиот бил хоспитализиран на 23 март, но рано утрово починал поради многу тешка клиничка слика.

Денеска има 18 нови случаи на заразени, информираше Филипче, со што вкупниот број на заболени во земјава се искачи 259.

Три лица од Скопје и Куманово се примени на Инфективната клиника во Скопје, а досега се хоспитализирани вкупно 49 лица од кои седум се со потешка клиничка слика. Нема пациенти кои се лекуваат на респираторна машина. Како една од причините за смртта на младиот скопјанец Филипче ја наведе прекумерната тежина, но и комликации со белите дробови.

-Еден ризик фактор е обезноста која што тој ја имал. Но, клиничката слика која што ја покажал и начинот на влошување на клиничката слика е практично најтешката форма на влошување која што е опишана во литературата. Со нагло влошување, со нагло паѓање на сатурацијата, односно врзувањето на кислородот во текот на вчерашниот ден. Веднаш поставен на респираторна машина, меѓутоа, клиничката слика беше со внатрешно крварење и на некој начин распад на белите дробови, појасни Филипче.

За ефектите од терапијата со сумамед и лекот против маларија, министерот рече дека веќе е дадена на сите пациенти на клиниката кои се подобни за тоа, а од следната недела ќе ја примат и пациентите кои се на домашно лечкување. Резултатите според него ќе се знаат по неколку денови.

-Во однос на успешноста, мислам дека уште е рано, треба да поминат уште неколку денови, првите резултати се очекуваат после 5 до 7 дена од почетокот на терапијата“, рече Филипче.

Министерот за здравство апелира граѓаните да не ги стигматизираат луѓето во карантин, бидејќи како што рече, тоа се здрави луѓе, сите се прегледани, и само чекаат да помине превентивниот период од 14 дена. Во однос борбата со вирусот во претстојниот период, Филипче е внимателен оптимист, бидејќи бројот на случаи се зголемува линеарно и секој ден има приближно ист број на случаи, со кој според него, здравствениот систем може да се справи.

Сепак, министерот им порача на граѓаните да бидат свесни дека пред нас е најтешкиот период, а бројот на заболени и починати ќе расте. Затоа, според него клучно е граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1