Затворски казни им се закануваат на најмалку две илјади невработени прилепчани, бидејќи во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) поднеле лажни изјави дека во 2013 година не заработиле 96.600 денари, што е услов за бесплатно здравствено осигурување. ПЕ на ФЗО бара од Обвинителството овие лица кривично да одговараат оти употребиле документ со невистинита содржина дека во 2013 година не заработиле повеќе од 12 минимални плати, пишува Вест.
Во Јавното обвинителство во Прилеп потврдија дека добиле околу две илјади кривични пријави и дека им биле најавени уште не мал број нови.
Според Законот, невработените евидентирани во Агенцијата за вработување имаат право на бесплатно здравствено осигурување ако во текот на претходната година не оствариле приходи на трансакциските сметки повисоки од минималната плата или 96.600 денари годишно. Како открил Фондот дека над две илјади прилепски невработени заработиле над оваа граница, сe уште се чека одговор. Портпаролот на Фондот за здравствено осигурување не каже ни какви последици можат да очекуваат овие невработени, дали ќе ги надоместат трошоците за лекувањето во претходната година и дали им се заканува опасност да бидат избришани од евиденцијата во Агенцијата за вработување. Само се знае дека ако бидат осудени, на товар на невработените ќе паднат судските трошоците од најмалку 300 евра за постапката, плус казната, која може да биде и затворска.
Вест.мк