Британскиот Форин Офис го поздрави изборот на нов претседател на Собранието и апелира за непречен и ненасилен трансфер на власта на избраната мнозинска коалиција, соопшти денеска Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија.
– Обединетото Кралство ја поддржува демократската одлука на мнозинството пратеници во Македонија да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието. Подготвени сме за претстојната соработка со него. Ги повикуваме сите лица, институции и партии да овозможат непречен и ненасилен трансфер на власта од претходната владеачка партија кон мнозинската коалиција избрана во декември 2016 година. Колку побрзо се формира влада, толку побрзо ќе може да започне спроведувањето на итните реформи за доброто на граѓаните на Македонија. Во време на засилени тензии, сите лидери треба да се воздржат од загревање на етничките тензии. Секое такво однесување е опасно и спротивно на интересите на националното единство на Македонија. Имајќи го предвид неприфатливото насилство од 27 април, исто така апелираме државните институции, особено полицијата да им биде овозможено да ги извршуваат своите обврски без политичко влијание, се наведува во соопштението од британскиот Форин Офис.