На дневен ред на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, во петок е формирањето на Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија.
Според претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски, Комисијата за основаноста на предлогот за импичмент на претседателот ќе брои 11 члена, и ќе го отсликува составот во Собранието. Мнозинството ќе има претседател и пет члена и опозицијата пет члена. За седум дена Комисијата треба да достави извештај до претседателот на Собранието за тоа дали е основан или не е Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија. По ова претседателот на Парламентот треба да закаже седница, на која пратениците со двотретинско мнозинство ќе се изјаснат за него.
Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија е поднесен од страна на опозициските пратеници и ДУИ, додека ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека нема да го поддржи импичментот.
Доколку предлогот биде изгласан во Собранието, за него треба да се произнесе и Уставниот суд.