На падините на Скопска Црна Гора се наоѓа селото Бањани, во општината Чучер Сандево. Тоа е одалечено околу 15 километри од центарот на Скопје. Во него се наоѓа малата црква, посветена на светецот Ѓорѓи. Во внатрешната страна на црквата стои напис од кој дознаваме дека црквата е завршена во 1548/49 година, во време на султанот Сулејман. На влезот во црквата Свети Ѓорѓи, на целиот фронт од источниот ѕид на припратата, е насликана композицијата „Страшниот суд“ од познатиот мајстор на иконописот Дичо Зограф чиј потпис стои над западната врата која води до иконостасот.
На фреската „Страшниот суд“, која изобилува со динамика и колирит, е насликан и познатиот крал Александар Македонски заедно со кралевите Дариј, Пор и Кир. А дека се работи токму за тие кралеви авторот на делото се погрижил на секој поединечно над главата да го напише неговото име: Цар Пор, Цар Дариј, Цар Кир и Цар Александар. Под нозете на секој од кралевите ги насликал митолошките суштества кои ги симболизираат царствата: Римско, Вавилонско, Персиско и Македонско. Под нозете на Цар Александар е прикажан лав над кој пишува Македонско царство. Целиот приказ е толку добро насликан и јасен што не остава простор за сомнеж дека Дичо Зограф го насликал токму Александар Македонски.
Композицијата „Страшниот суд“ на која е насликан и Александар Македонски, не е единствената на која се наоѓа ликот на славниот војсководец. Фреската со светиот Сисое над гробот на војсководецот се наоѓа во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во село Сливница во Ресен. Таа е идентична на онаа од Варлам на Метеорите насликани во 17 век, а се верува дека фреските ги работел македонскиот зограф Никола. А, историчарите на уметност велат дека најмалку во дваесетина храмови во нашата земја има фрески на кои е прикажан свети Сисое над гробот на античкиот војсководец.
За дел од стручните лица, фреските се само мала епизода од жешкото прашање каде е гробот на војсководецот со кој народот на овие простори бил опседнат со векови, а за други, тоа што војсководец се појавува на фреска ја има симболиката која се однесува на минливоста на земниот живот.
Фреска на која е насликан Александар Велики со круна на главата има и во околината на Пустец, Албанија.
Сестра му метеешчем не догледа и скрши шишето. Цар Александар кога чу това, страшно се наљути, а сестра му, избегвеешчем љутината негова, се фрли в море и се престори делфин, кој, кога чует Александровото име, се криет во морските глобини! – пишувале Димитар и Константин Миладинов за Александар Македонски. За големиот војсководец и неговиот татко Филип пишувал песни и македонскиот писател и револуционер Ѓорѓија Пулевски.
Извор: МИА