Огнената стихија која се случи меѓу светиниколските села Ѓуганци и Павлешинци пеплоса над 100 хектари шума, предизвика сообраќајна несреќа во која три лица се повредени, а едно возило е опожарено, објави Телма.
Поради големите пламени јазици кои веќе преминувале преку регионалниот пат Свети Николе-Куманово и густиот чад две возила, од кои едното од Куманово, а второт од Свети Николе директно се судриле. Во несреќата едно лице е со потешки повреди, а две лица се со полесни повреди, кои се хоспитализирани во Болницата во Куманово. Радовишанецот, Александар Постолов чие возило е опожарено вели дека глетката да се поминува низ оган е страшна, а откако го поминал огнените јазици, возилото се запалило.
Пожарникарите успеале да спасат и една викенд куќа во близина на селото Павлешинци, а мештаните и вработените во земјоделската задруга не дозволиле да се прошири кон населените места.