Двоен убиец Олег Топалов успеал денеска да побегне од еден од најголемите и најстрого чуваните московски затвори така што ја проширил дупката во плафонот на својата ќелија, се протнал низ цевката за вентилација и излегол на слобода.
Не е јасно како Топалов успеал да ја прошири дупката на таванот, со оглед на тоа дека ќелиите редовно се пребаруваат за во нив да не се внесат забранети предмети. Единствен предмет кој тој можел да го употреби е лажица. Тоа е едно од ретките бегства од затворот „Матрошкаја тишина“, поточно четврто за две децении.
Федералната затворска служба објави фотографија од Топалов (33), слаб човек со црна виткана коса, за да добијат помош од граѓаните доколку некој го види. Московската полиција понуди и голема награда за неговото апсење.
Топалов е обвинет за убиство на две лица и за шверц на оружје. Тој беше држен во притвор од октомври 2011 година, а неговиот случај минатиот месец беше предаден на суд. Сега, по ова бегство му се заканува дополнителна казна од четири години затвор.
Затворот „Матрошкаја тишина“ на северот на Москва, отворен е во 1946 година, има сопствена болница во која во 2009 почина московскиот адвокат Сергеј Магнитски откако тој беше преместен од озлогласениот затвор Бутрик, што предизвика голема негативна реакција во светот.
Kanal5