Корисниците на социјалните мрежи активно ја коментираат снимката направена во текот на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел во бегалскиот камп во Берлин, и според нив еден од мигрантите кои се фотографираат со неа „неверојатно многу личи” на бомбашот самоубиец Наџим Лахрави, кој се разнесе во вторникот на аеродромот во Брисел.
Според белгиските власти, Наџим Лахрави влегол во Германија преку соседна Австрија од Унгарија со автомобил „мерцедес” на 9 септември 2015 година, заедно со Салах Абдеслам, главниот осомничен за терористичките напади од 13 ноември 2015 година во Париз кога беа убиени 130 луѓе.
Пограничните контроли ги минал користејќи лажни патни исправи на име Суфијан Кајал. Германската канцеларка Ангела Меркел бегалскиот камп во Берлин го посети на 10 септември 2015 година, што значи дека 25-годишниот Лахрави навистина можел да се фотографира со неа.
По посетата на кампот во Берлин, од ланската есен во медиумите и на социјалните мрежи беа објавувани мноштво фотографии и селфи снимки на насмеаната Меркел како позира во прегратки со бегалците и имигрантите. Уште тогаш тоа предизвика жестока дебата во германската јавност дека ќе биде сфатено како јасен повик тие уште помасовно да доаѓаат во Германија, која минатата година прими околу 1,1 милиони баратели на азил.
Во петокот белгиското сојузно обвинителство објави дека Наџим Лахрави е едно од лицата кои активирале експлозивни направи на терминалот за полетување на меѓународниот бриселски аеродром Завентем. Притоа полицијата објави негови фотографии, што сега овозможува да се прават споредби, кои сепак не се експертски и технички проверени.
Истрагата открила дека белгискиот државјанин Наџим Лахрави во 2013 година отпатувал во Сирија за да се бори на страната на екстремните исламистички групи, најверојатно во Исламската држава, која ја презема одговорноста и за нападите во Париз и за оние во Брисел. Од 4 декември 2015 година тој се бара поради поврзаност со париските атентати. Неговата ДНК е најдена на елементи од експлозивни направи користени од џихадстите во нападите во француската престолнина.