Веќе се наѕираат контурите на најголемиот брод на Вардар, кој ќе работи и како хотел.
Третата и најголема галија на Вардар, која ќе има и хотелски соби, ќе биде изградена по оригиналот на најпознатиот англиски воен брод на Кралската морнарица од пред два века, „Виктори”. Бродот, чии контури веќе се поставени помеѓу двата нови моста, Мостот на цивилизациите и Мостот на уметноста, ќе биде со едра долги 35 метри и главно ќе се изгради од дрво. Сопственикот на оваа галија вели дека поради сложеноста на изведбата на овој објект, не очекува да биде готов за посетителите ова лето, пишува Вечер.
-Иако мислевме дека работите ќе се одвиваат побрзо, сепак, ова е сложена изведба на бродот кој ќе биде копија на англискиот брод Виктори. Веќе се работи на него, а неговата реализација е прилично скапа, вели за Вечер, сопственикот на бродот Столе Велков, чија фирма Воденица ОНЕ го доби овој бизнис.
Во галијата се предвидува да има 16 хотелски соби и два апартмани. Бродот ќе биде долг 35 метри, широк 16 и ќе има три ката. Со овој објект, сопственикот ќе стопанисува 10 години, а на Град Скопје ќе му плаќа кирија од 36 илјади денари.
Останатите две галии на Вардар и двете во сопственост на фирмата „Фаланга Дим“, исто така, се во изградба. Бродот што е закотвен кај енергетската компанија МЕПСО е речиси готов. Однадвор е завршен, а изминатиот период се работеше и на неговиот ентериер. Се очекува летово да биде отворен за посетителите.
Бродот, пак, кај хотелот „Холидеј ин“ засега има само конструкција. Бидејќи подолго време не се гледаат некои активности на него, најверојатно, нема да биде готов за ова лето. Во овие два брода се најавуваат ресторани, од кои едниот ќе биде француски, а другиот ќе работи како бар за закуски. Сопственикот на бродот, Давор Андреевски, и понатаму не сака да каже детали за двата брода, пишува Вечер.
Град Скопје беше задолжен за изградбата на инфраструктурата за објектите, односно за приклучоци за струја, вода и фекална канализација, кои, како што претходно имаат изјавено од Градот, се веќе направени.
Фото: Н.Батев/Вечер